Судијката Дабовиќ Анастасовска си заминува од Уставниот суд, институцијата останува со седуммина судии

Уставниот суд ќе продолжи да функционира со само седум члена по неотповикливата оставка што ја поднесе уставната судијка Јадранка Дабовиќ Анастасовска. Оставката е доставена до претседателот на Собранието Африм Гаши, а за неа се известени и сите пратеници, пренесуваат извори од Судот.

Неофицијално, Дабовиќ Анастасовска се повлекува по лични причини и планира да се врати на професорската позиција на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Со нејзиното заминување, институцијата повторно се соочува со недостиг на кадар. Уставниот суд, кој по закон треба да брои девет судии, веќе подолг период работи во намален состав.

Покрај оставката на Дабовиќ Анастасовска, судот веќе една година функционира без судија на местото на разрешената Елизабета Дуковска, бидејќи Собранието сè уште нема избрано нејзин наследник.

Ситуацијата дополнително го отвора прашањето за долготрајната блокада во пополнувањето на клучните позиции во судството и за потребата од навремено избирање судии за да се обезбеди полн и ефикасен состав на Уставниот суд.

Зачлени се на нашиот е-билтен