Главниот уредник на Forbes, Стив Форбс, во новата колумна остро ја анализира состојбата во Обединетото Кралство, оценувајќи дека најновиот државен буџет само го забрзува „распаѓањето на некогашната светска сила“. Според него, Британија се соочува со двоен пад, економски и институционален, што ја турка земјата кон историски ниски позиции.
Форбс предупредува дека буџетот на британската влада претставува „план за стагнација“, исполнет со нови или зголемени даноци што дополнително ќе го закочат растот. Поради неусогласување на даночните прагови со инфлацијата, товарот врз граѓаните ќе продолжи да се зголемува. Намалени се и лимитите за уплати во приватни пензиски фондови, воведени се нови давачки за имот, повисоки даноци за дивиденди и камати, а посебна казна се применува дури и за претприемачи што ги продаваат своите компании на вработените.
„Даночните приходи ќе достигнат 38 проценти од БДП до 2030 година“, пишува Форбс, додавајќи дека во нормални услови државите би намалувале даноци за да го поттикнат растот, наместо да ги зголемуваат.
Но, според него, падот на Британија не е само економски туку и институционален.
Уништување на историски слободи
Форбс предупредува дека Британија, татковината на Магна Карта, ја поткопува една од основните демократски гаранции: правото на судење пред порота. Плановите судењата пред порота да се ограничат само на најтешките злосторства ги нарекува „удар врз слободата“. Потсетува дека токму ограничувањата на ова право во 18 век биле искра за Американската револуција и дека оваа слобода е јасно заштитена во американскиот Устав.
Друг загрижувачки пример е ограничувањето на слободата на говорот. „Лондон го криминализираше говорот што се смета за навредлив“, пишува Форбс, посочувајќи дека секоја година има илјадници апсења поради интернет-објави, а полицијата навлегува и во приватни домови. Тоа, според него, создава „културен конформизам под диктат на екстремистичките „woke“ норми“.
Опасност од копирање британски политики во САД
Форбс предупредува дека ако левицата повторно ја преземе власта во САД, можно е обид за следење на британскиот модел – повеќе регулации, повисоки даноци, укинување традиционални слободи и обиди да се ослабне американскиот Устав преку проширување на Врховниот суд.
„Она што се случува во Британија треба да биде предупредување за сите што ја ценат слободата“, заклучува Форбс.
Тој нагласува дека историското британско наследство – правните норми, институциите и политичките идеи што силно влијаеле врз американската демократија, денес се наоѓа под сериозна закана.

