Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за емисијата „Директно“ на Телма најави кадровско освежување во партијата и промени во тимовите кои ќе го носат партискиот курс во наредниот период.
Филипче потврди дека на вечерашниот состанок на Извршниот одбор ќе побара оставка од актуелните членови, а на следниот Централен одбор што ќе се одржи во наредните две недели ќе биде избран нов состав на Извршниот одбор.
„Ги бараме најдобрите луѓе, оние кои имаат најголем капацитет да ја спроведат програмата која, сметам, граѓаните навистина ја заслужуваат. Разговарав со добар дел од луѓето, нема да шпекулирам со имиња, но не станува збор за целосна смена, туку за парцијално освежување на тимовите, и кај потпретседателите и во Извршниот одбор“, изјави тој.
Лидерот на СДСМ нагласи дека резултатите од локалните избори се мотив за поинтензивна работа и најави значајно зголемена теренска активност на партијата.
„Имаме тимови што ќе се впуштат во силна и многу интензивна теренска работа. Ќе бараат нови членови, луѓе кои ќе донесат премин од една генерација во друга, нова сила, нова енергија“, порача Филипче.
Со ова, СДСМ влегува во период на реструктурирање со цел јакнење на партиските капацитети и подготвување за претстојните политички предизвици.

