Германскиот државен снабдувач со енергенси SEFE соопшти дека склучил голем договор со аргентинската компанија Southern Energy за набавка на течен природен гас (LNG), кој ќе започне да се испорачува од 2027 година.
Според договорот, SEFE ќе увезува два милиона тони LNG годишно во период од осум години, што претставува околу една третина од идното годишно производство на Southern Energy. Вредноста на зделката достигнува околу 7 милијарди долари, потврди извршниот директор на YPF, аргентинската државна нафтена компанија и акционер во проектот.
Southern Energy, основана во 2024 година, планира да го започне првиот голем извозен проект на LNG во земјата. Проектот вклучува два пловечки терминала со вкупен капацитет од околу шест милиони тони годишно.
Терминалот Hilli Episeyo од крајот на 2027 година ќе обработува 2,45 милиони тони годишно, а терминалот MK II – дополнителни 3,5 милиони тони од крајот на 2028. Двата терминала ќе бидат усидрени во регионот Голфо Сан Матијас во покраината Рио Негро на период од 20 години.
Southern Energy проценува дека извозот на LNG во следните осум години ќе надмине 20 милијарди долари, додека вкупните вложувања во 20-годишниот проект ќе надминат 15 милијарди долари.
Партнерството е клучно за Германија, која по раскинувањето на долгогодишните договори со Русија во 2022 година се сврте кон глобалниот пазар за нови извори на гас. SEFE, некогашна подружница на Газпром, а денес национализирана германска компанија, со оваа зделка ја проширува мрежата на добавувачи и ја зајакнува енергетската безбедност на Европа.
SEFE денес има околу 2.000 вработени ширум светот и годишно продава околу 200 TWh гас и електрична енергија на 50.000 клиенти.
Аргентина, пак, очекува со проектот да се позиционира како нов голем играч на глобалниот LNG-пазар од крајот на 2027 година.

