Сè уште нема официјални реакции од ЕУ кога станува збор за апсењето на поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и сегашен ректор на Колеџот на Европа, Федерика Могерини. Таа беше приведена денес како дел од истрагата на Европското обвинителство за можна измама во врска со академијата финансирана од ЕУ за млади дипломати.
Како што објави репортерот на TVCG во Брисел, Иван Мијановиќ, портпаролката на ЕК на денешниот брифинг., накратко изјави дека истрагата е во тек и дека нема да коментира ништо додека трае истрагата.
„Рано утрово, десет белгиски полицајци во цивилка ги претресоа канцелариите на Европската служба за надворешни работи, канцелариите на Колеџот на Европа во Бриж, како и три куќи од каде што зедоа документација, која, како што се сомнева, ги поврзува уапсените со купувањето на зградата на Колеџот на Европа, каде што се обучуваат млади дипломати“, рече нашиот репортер.
Европското јавно обвинителство (ЕЈО) претходно денес објави дека предмет на истрагата е Дипломатската академија на ЕУ, деветмесечна програма за обука за млади дипломати од земјите-членки, која Колеџот на Европа ја доби на тендерот на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) во 2021 и 2022 година.
Обвинителството истражува дали ЕЕАС ги прекршила правилата за тендер со споделување доверливи информации со Колеџот пред да му биде доделен проектот.
Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Могерини, е приведена на сослушување, потврдија судски извори за белгискиот весник „Стандард“.

