Министерството за образование и наука ги објави резултатите од двата конкурса за стипендии за учебната 2025/2026 година, конкурсот за доделување 900 стипендии за социјална поддршка на ученици во јавните средни училишта и конкурсот за 1570 стипендии наменети за ученици запишани во дуалните паралелки, каде наставата опфаќа засилено практично образование.
Сите кандидати ќе ги добијат решенијата преку електронскиот портал e-uslugi.mon.gov.mk, во делот „Мои апликации“, под рубриката „Документ за одлука“. Од МОН нагласуваат дека апликантите кои се незадоволни од исходот не треба да поднесуваат приговори или жалби пред да го добијат решението. Жалба може да се поднесе дури по приемот на решението, а за малолетните ученици таа ја поднесува родител или старател.
По добивањето на решението, жалбите се поднесуваат до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, во рок од 15 дена. Комисијата е лоцирана на бул. „Гоце Делчев“ бр. 18, во зградата на МРТВ на 11-ти кат, соопшти МОН.
Од Министерството додаваат дека средношколците кои добиле стипендија нема потреба да доставуваат испечатени и потпишани договори, сите права и обврски поврзани со користењето на стипендијата се содржани во издаденото решение.

