Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, утринава ја потресе политичката сцена во Бугарија со јасна порака: партијата е подготвена за предвремени избори доколку не се постигне мнозинство за усвојување на буџетот за 2026 година. Изјавата доаѓа во момент на масовни протести низ земјата и по директниот повик на претседателот Румен Радев за оставка на владата.
„Нема повеќе да трпам и молчешкум да прифаќам ирационални барања околу катастрофално структуриран буџет за 2026 година. Или ќе застанете со ГЕРБ и ќе направиме нов буџет со стабилно мнозинство од 121 пратеник – или одиме на избори“, порача Борисов на Фејсбук, испраќајќи најостар политички сигнал од почетокот на кризата.
Ова е неговата прва јавна реакција по масовните демонстрации против предложениот буџет. Радио Бугарија јавува дека протестите ја разнишаа власта, додека опозицијата и демонстрантите бараат оставка, а Радев инсистира на итни избори.
Политичката драма денес продолжува во парламентот, кој треба да го разгледа повлекувањето на првиот буџет номиниран во евра. Пратениците истовремено ќе дебатираат и за барањето на претседателот за одржување референдум за воведување на еврото од 1 јануари 2026 година.
Вчера, под притисок на десетици илјади незадоволни граѓани, владата го повлече предложениот буџет. Демонстрантите жестоко се спротивставија на планот, кој предвидува зголемување на даноците и повисоки социјални придонеси во приватниот сектор, додека значително повеќе средства се насочуваат кон државниот апарат.
Протести се одржаа низ целата земја од Софија, до Варна, Пловдив, Бургас, Стара Загора, Добрич, Сливен, Трново, Шумен, Русе, Ловеч и Благоевград. Во главниот град имаше и изолирани судири со полицијата, која ги обезбедуваше канцелариите на владејачките партии; во Варна, на протестите се појавија и навивачки групи, на кои организаторите им упатија апел да не провоцираат ескалација.
Бугарија денес се соочува со повеќеслојна политичка и социјална криза, а Борисов, преку остриот ултиматум, ја турка земјата кон уште едни избори доколку нема широк договор за буџетот.

