Израел планира „во наредните денови“ да го отвори граничниот премин Рафа за излез на палестински цивили од Појасот Газа кон Египет, во рамките на договорот за прекин на огнот со Хамас. Потегот се претставува како чекор напред во спроведувањето на договореното, но тензиите повторно растат откако беше утврдено дека делумните човечки остатоци предадени оваа недела не припаѓаат на двајцата заложници киднапирани во 2023 година, објави Sky News.
Иако точниот датум за отворање на границата сè уште не е соопштен, се очекува преминот да се користи за медицински евакуации и за патувања на лица кои добиле израелско безбедносно одобрение. Израелското тело за координација на владините активности на териториите (COGAT) информира дека механизмот ќе биде координиран со Египет под надзор на Мисијата на Европската унија, како што беше применето и во јануари 2025 година.
Во соопштението стои дека преминот ќе биде отворен „исклучиво за излез на жители од Газа кон Египет“ и дека сите преминувања ќе подлежат на израелска безбедносна проверка. Анонимен израелски функционер за Associated Press изјавил дека сите Палестинци ќе можат да заминат доколку Египет се согласи да ги прими, но дека во ЕУ сè уште се решаваат логистички прашања неопходни за функционирањето на преминот.
Отворањето на Рафа е клучен елемент во договорот кој предвидува медицински евакуации и патувања на граѓани во и од Газа. Според Светската здравствена организација, повеќе од 16.500 повредени и болни лица имаат итна потреба да ја напуштат енклавата за да добијат медицинска нега. Рафа е единствениот премин што не е под директна израелска контрола, но неговото функционирање често е прекинувано, а затворањата се случуваат без претходна најава.
Очекувањата за стабилизација на примирјето беа нарушени по последните наоди од форензичките тестови. Израел објави дека човечките остатоци предадени во вторникот не се поврзуваат со двајцата заложници кои сè уште се држат во Газа. Според палестинските медиуми, остатоците биле пронајдени во градот Беит Лахија, но Хамас засега не дал официјална реакција.
Од почетокот на примирјето во октомври, во Израел се вратени 20 живи заложници, како и посмртните останки на уште 26 лица. Како дел од договорот, Израел за секој идентификуван палестински заложник предава по 15 тела на Палестинци. Министерството за здравство во Газа соопшти дека досега примило 330 тела.

