Кремљ: Не е точно дека Путин целосно го одбил американскиот мировен предлог за Украина

Кремљ денеска соопшти дека е „погрешно“ да се тврди оти рускиот претседател Владимир Путин го отфрлил целосно американскиот план за мир во Украина, по разговорите со американските преговарачи во Москва. Според руските власти, делови од предлогот биле „прифатливи“, но не било постигнат никаков компромис околу територијалните прашања, пренесува Би-би-си.

Разговорите, кои Москва ги опиша како „конструктивни“, доаѓаат во момент кога Киев и понатаму одбива било какви отстапки од својата меѓународно признаена територија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговиот тим ги финализира подготовките за претстојната средба со пратениците на Доналд Трамп во САД.

Во Брисел, министрите за надворешни работи на НАТО денеска расправаат за текот на мировните напори и позициите на сојузниците во контекст на актуелните преговори.

Паралелно, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека ЕУ постигнала привремен договор за целосно укинување на увозот на руски гас до 2027 година. Според анализата на BBC Monitoring, ова би претставувало значаен пресврт во намалувањето на европското финансирање на руската воена машина: од 2022 година наваму, Русија заработила повеќе од 107 милијарди евра од извоз на гас во ЕУ, што е над половина од нејзините приходи од извоз на гас.

Путин претходно оцени дека европските барања за завршување на војната се „неприфатливи“, додавајќи: „Ние не сакаме да се бориме со Европа, но ако Европа сака да се бори со нас подготвени сме.“

Зачлени се на нашиот е-билтен