Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски назначи нови директори на јавните претпријатија „Дрисла“ и „Градски Паркинг“.
За ВД директор на ЈП „Дрисла“ е именуван Стевче Трпковски, поранешен градоначалник на општина Сопиште во три мандати и тој ја презема функцијата од досегашниот директор Самир Хусени.
Она што е поинтересно е што за ВД директор на ЈП „Градски Паркинг“ е назначен Владимир Кроневски кадар на Демократскиот сојуз, партијата на Павле Трајанов.
За него ова ќе биде второ назначување за директор на Паркинзи затоа што тој директоруваше и во 2022 година, во време на мандатот на Данела Арсовска.
Тогаш, ВМРО-ДПМНЕ преку низа прес-конференции го обвинуваше Кроневски за непотизам, дека делел бесплатен паркинг за функционери на тогашната власт но и дека „претпријатието било претворено во штаб на ДС“ како што изјавуваше тогашниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Денес, речиси четири години подоцна ВМРО-ДПМНЕ кое раководи со Град Скопје повторно за директор го поставува Кроневски кој своевремено беше н„на тапет“ на тогаш опозициската партија.
Според кусото образложение на Град Скопје новите кадровски решенија, се дел од подготовките за поефикасно усогласување на раководните структури пред интензивирањето на претстојните урбани и комунални активности во главниот град.

