Драма во Партизан: Тринкиери во последен момент се повлече, клубот повторно без тренер

Кошаркарскиот клуб Партизан минува низ една од најтурбулентните недели во поновата историја. По ненадејната оставка на легендарниот Жељко Обрадовиќ, црно-белите веруваа дека решението е на дофат: Андреа Тринкиери, човекот што веќе еднаш го водеше тимот, беше најавен како сигурен наследник. Медиумите веќе пишуваа за постигнат договор, навивачите воздивнаа со олеснување а потоа се случи нов шок.

Според најновите информации од 3 декември, Тринкиери се премислил и ја одбил понудата во последен момент. Одлуката паднала ненадејно, во часoви кога клубот веќе се подготвуваше за негово официјално претставување.

Ова е уште еден тежок удар за Партизан, кој само неколку дена претходно го преживеа заминувањето на Обрадовиќ. Неговиот чекор, оставка по поразот од Панатинаикос дојде како гром од ведро небо. Обрадовиќ отворено призна дека проблемите во соблекувалната и незадоволителните резултати станале непремостливи. Навивачите го повикуваа да остане, но тој остана на својата одлука.

Токму затоа информациите за Тринкиери беа пречекани како надеж. Италијанецот, кој од 2018 до 2020 година остави силен печат во клубот, иако имаше тензична историја со претседателот Остоја Мијаиловиќ и дури правен спор околу неисплатени плати, се чинеше подготвен да се врати. По отказот во Жалгирис летово, делуваше како идеална опција за стабилизација на тимот.

Но пресвртот што уследи ја отвори врата за нова доза неизвесност. Партизан повторно е без тренер, а сезоната не чека никого. Тимот има само четири победи во Евролигата и загрижувачки девет порази, бројки што бараат итна реакција.

Во овој момент, раководството мора да најде човек што ќе го врати авторитетот во соблекувалната, ќе внесе свежина и ќе донесе резултати. Навивачите се разочарани, но и понатаму се надеваат дека клубот ќе најде силно решение.

Единствено што е јасно по денешниот ден, драмата во црно-белиот табор продолжува.

Зачлени се на нашиот е-билтен