ОН: Производството на опиумски афион во Мјанмар го достигна максимумот

Производството на опиумски афион во Мјанмар достигна највисоко ниво во изминатата деценија, покажува новиот извештај на Канцеларијата на ООН за дрога и криминал (UNODC). Земјата, разурната од граѓанска војна, останува еден од водечките глобални извори на нелегални дроги, а површините под афион се зголемени за 17% во споредба со лани, на 53.100 хектари, што претставува најголема површина од 2015 година.

UNODC наведува дека Мјанмар станал и најголем светски производител на метамфетамин, кој за разлика од опиумот се произведува полесно и во огромни индустриски размери, а потоа се дистрибуира низ Азија и Пацификот во форма на таблети и кристали.

Опиумот, кој служи како суровина за морфин и хероин, повторно станува извор на преживување за многу семејства во земја погодена од сиромаштија, нестабилност и интензивни судири по пучот во 2021 година. Растот на производството се должи пред сè на експлозијата на цените: свежиот опиум денес достигнува 329 долари за килограм, повеќе од двојно во однос на 2019 година. Вредноста на опиумската економија се проценува на 641 милион до 1,05 милијарди долари, што е до 1,4% од БДП на земјата.

Иако приносите опаднале за 13% поради борбите во одредени региони, зголемените површини овозможиле вкупната продукција да порасне на околу 1.010 тони. Според UNODC, овој тренд ги поништува умерените падови што беа забележани во изминатата година и укажува на нов подем на укоренетиот наркобизнис во земјата.

„Мјанмар се наоѓа на критична раскрсница“, предупредува Делфин Шанц од UNODC. „Економијата на опиумот повторно се зајакна, а без алтернативни извори на приходи за населението, циклусот на сиромаштија и нелегален узгој ќе продолжи да се продлабочува.“

Извештајот забележува и први сигнали дека хероин од Мјанмар се појавува на европските пазари, кои традиционално беа снабдувани од Авганистан. Иако количините сè уште не се големи, експертите сметаат дека побарувачката се зголемува поради падот на авганистанското производство по забраната воведена од талибанците.

Североисточниот дел на Мјанмар е дел од познатиот „Златен триаголник“, област во која со децении цвета трговијата со дрога поради слабата контрола на централната власт и доминацијата на етнички милиции поврзани со криминални мрежи.

UNODC предупредува дека без меѓународна помош и стабилни економски алтернативи, производството на опиум и метамфетамин во Мјанмар може да продолжи да расте, дополнително зајакнувајќи го трговскиот и криминалниот потенцијал на оваа долгогодишна зона на нестабилност.

Зачлени се на нашиот е-билтен