Соединетите Американски Држави подготвуваат нов пакет санкции против рускиот енергетски сектор со цел да го зголемат притисокот врз Москва доколку рускиот претседател Владимир Путин го одбие мировниот договор со Украина, објави Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со плановите.
Според тие извори, Вашингтон разгледува повеќе опции, меѓу кои и санкционирање на бродови од таканаречената руска „флота во сенка“, нелегални танкери што се користат за транспорт на руска нафта – како и трговци кои учествуваат во ваквите трансакции. Изворите зборувале под услов на анонимност, поради чувствителноста на разговорите.
Некои од соговорниците наведуваат дека новите мерки би можеле да бидат објавени уште во текот на оваа недела. Според информациите на Блумберг, американскиот министер за финансии Скот Бесент веќе разговарал за овие планови со група европски амбасадори, во рамки на координацијата со сојузниците.
Санкциите, според сè, би биле насочени кон дополнително ограничување на руските приходи од извоз на енергија, кои се клучни за финансирање на војната против Украина.
Американско-европскиот мировен план, чија цел е да ги одврати идните руски напади врз Украина, предвидува зајакнување на украинската армија, распоредување европски сили во земјата и засилено користење на американски разузнавачки податоци. Според „Њујорк тајмс“, овие безбедносни гаранции треба да послужат како основа за поширок договор за прекин на огнот, но и да ја убедат Украина да прифати територијални отстапки и да се откаже од формалното членство во НАТО.
Во изминатите два дена, американски и европски дипломати одржале состаноци со украинското раководство во Берлин, каде што биле одобрени два документа што ги опишуваат безбедносните гаранции. На состаноците учествувале високи претставници од десетина европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија и Велика Британија.
„Гледаме реален и конкретен напредок“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Овој напредок е овозможен благодарение на усогласеноста меѓу Украина, Европа и Соединетите Држави.“
Сепак, сеопфатен прекин на огнот засега изгледа недостижен, пред сè затоа што Русија не е вклучена во овие преговори. Секој договор би барал значајни отстапки или од украинскиот претседател Володимир Зеленски, или од Владимир Путин. Додека Зеленски изразува загриженост, особено околу територијалните отстапки, Путин досега не покажал флексибилност.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва останува цврста во барањето Украина да отстапи делови од регионот Донбас кои Русија не ги освоила, како и дека нема да прифати присуство на сили од земји членки на НАТО во Украина.
И покрај тоа, американски официјални лица изразуваат оптимизам дека Путин на крајот ќе ја прифати присутноста на европски сили во Украина, под услов тие да не дејствуваат под знамето на НАТО. Дел од европските лидери, сепак, остануваат претпазливи.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека изјавите звучат охрабрувачки, но оти сè уште нема целосна слика за конкретните детали.
Според официјалните лица, безбедносните документи биле договорени по повеќе од осум часа интензивни разговори во Берлин. Еден документ содржи општи принципи и обврска слична на гаранциите од членот 5 на НАТО, додека другиот, таканаречен „воено-оперативен документ“, детално објаснува како американските и европските сили би соработувале со украинската армија за да се спречи нов руски напад.
Првиот приоритет е зголемување на украинската армија на „мировна“ бројка од околу 800.000 војници, со модернизирана обука и опрема. Европските сили би биле распоредени во западниот дел на Украина, далеку од линиите на евентуален прекин на огнот, додека САД би обезбедувале разузнавачка поддршка и мониторинг на договорот, без испраќање свои војници.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека очекува документите да бидат финализирани во наредните денови, по што ќе бидат доставени до Русија, а разговорите би можеле да продолжат уште овој викенд.
Извор: Bloomberg