Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува радикална промена на системот за притворање и депортација на имигранти во САД, планирајќи пренамена на индустриски складишта во огромни центри за задржување, во кои истовремено би биле сместени повеќе од 80.000 лица.
Според нацрт-документи од јавен повик за изведувачи, во кои увид имал The Washington Post, целта е драстично забрзување на депортациите преку создавање централизирана и логистички „ефикасна“ мрежа на притворски центри.
Централизиран систем за побрзи депортации
Наместо досегашната пракса имигрантите да се префрлаат низ различни објекти низ земјата, Американската служба за имиграција и царина (ICE) планира воспоставување на нов систем за брза обработка. Новоапсените имигранти најпрво би минувале неколку недели во центри за процесирање, по што би биле префрлани во едно од седум големи складишта, секое со капацитет од 5.000 до 10.000 лица, каде би чекале депортација.
Овие објекти би се наоѓале во близина на клучни логистички јазли во Вирџинија, Тексас, Луизијана, Аризона, Џорџија и Мисури, а планот предвидува и уште 16 помали објекти.
Од Министерството за внатрешна безбедност не ги потврдија официјално овие информации. Портпаролката Триша Меклафлин изјави дека „не може да го потврди известувањето“ и одби да одговори на дополнителни прашања.
„Ефикасност како Амазон“
Планот е дел од пошироката кампања на Трамп за масовно притворање и депортирање на имигранти. Со буџет од околу 45 милијарди долари, администрацијата годинава веќе депортирала повеќе од 579.000 лица.
Во документите се наведува дека новите објекти треба да „ја максимизираат ефикасноста, да ги минимизираат трошоците, да го скратат времето на обработка и да го забрзаат процесот на отстранување, при што ќе се промовираат безбедност, достоинство и почит“.
Сепак, изјавата на вршителот на должноста директор на ICE, Тод М. Лајонс, предизвика бурни реакции. Тој, според Arizona Mirror, отворено рекол дека целта е депортациите да функционираат како логистиката на Амазон:
„Како Prime, но со човечки суштества.“
Критики: „Дехуманизирачки пристап“
Експерти за комерцијални недвижности предупредуваат дека концентрирањето на илјадници луѓе во складишта отвора сериозни безбедносни и хуманитарни прашања. Овие објекти се проектирани за стока, а не за луѓе – со слаба вентилација, без прецизна контрола на температурата и често без соодветна санитарна инфраструктура.
„Ова е дехуманизирачко“, изјави Танија Волф од Националниот имиграциски проект. „Луѓето се третираат како добиток.“
Од ICE тврдат дека објектите ќе бидат значително модифицирани и ќе вклучуваат станбени единици, тушеви, медицински амбуланти, кујни, простори за рекреација и посебен сместувачки дел за семејства.
Локален отпор и политички тензии
Иако поголемиот дел од планираните објекти се во области под републиканска власт, два од најголемите се планирани во градови управувани од демократи – Стафорд во Вирџинија и Канзас Сити во Мисури. Објектот во Стафорд, на околу 65 километри јужно од Вашингтон, би имал капацитет од 10.000 лица.
Локалните власти веќе реагираат. „Имиграциската политика е федерална, но последиците се локални“, изјави Памела Јеунг, членка на надзорниот одбор во Стафорд, предупредувајќи на притисок врз инфраструктурата, јавната безбедност и социјалните служби.
Рекорден број притворени и кадровски проблеми
На почетокот на месецот, ICE држел во притвор над 68.000 лица – рекордна бројка. Речиси 48 проценти од нив немаат никакви кривични пресуди, покажуваат податоците на агенцијата.
Иако планот предвидува објектите да почнат со работа 30 до 60 дена по почетокот на изградбата, поранешни функционери предупредуваат дека недостигот од персонал може да биде клучен проблем.
„Складишта секогаш може да се најдат, но способноста безбедно да се управуваат вакви објекти е секогаш ограничена од бројот и подготвеноста на персоналот“, изјави Џејсон Хаузер, поранешен шеф на кабинет на ICE.