Разговор со Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на здруженија на медицински сестри

Медицинските сестри, столбот на здравството што системот упорно го игнорира

Да се биде медицинска сестра значи секојдневна грижа за другите, но и постојана борба за сопственото достоинство. Иако се меѓу најважните алки во здравствениот систем, медицинските сестри во Македонија и понатаму се без соодветно признание, без јасна автономија и без институционална тежина.

Според Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на здруженија на медицински сестри, реалноста на оваа професија е далеку од европските стандарди и од сликата што јавноста ја има за улогата на медицинската сестра.

„Ние сме далеку од она што значи европска медицинска сестра“

„Ликот, имиџот и делото на европската медицинска сестра се далеку од тоа што ние го живееме секој ден во Македонија. Да бидете медицинска сестра денес значи да не сте соодветно евидентирани, да немате признаено образование, да не учествувате во креирањето на образовните програми и да не бидете дел од институциите каде што се носат одлуките“, вели Бешлиовска.

Таа потенцира дека еден од најголемите проблеми е отсуството на законска регулатива и лиценца за работа.

„Јас имам речиси 40 години работно искуство, а немам лиценца за работа. Тоа е поразително. Тоа директно го нарушува достоинството на професијата“, нагласува таа.

Без автономија – без авторитет

Според Бешлиовска, медицинските сестри формално постојат во системот, но суштински се маргинализирани.

„Кога немате автономија, кога не носите одлуки, кога немате лиценца и законска заштита тогаш немате ниту одговорност, ниту авторитет. Во такви услови, секогаш сте во подредена позиција“, вели таа.

А токму сестрите се, како што нагласува, „имуниот систем на здравството“.

„Ако здравствениот систем е штитот на државата, тогаш медицинските сестри се неговата суштина. Инвестицијата во сестрите е инвестиција во здрава нација.“

Недостиг од кадар и прегорување

Македонија се соочува со сериозен недостиг на медицински сестри. Според неофицијални податоци, недостигаат околу 9.200 сестри, што е речиси 50 отсто под потребниот стандард.

„Во идеални услови, на еден пациент на интензивна нега му е потребна една сестра. Кај нас, една сестра се грижи за тројца, четворица, па и повеќе пациенти. Во оддели со 30 пациенти, наместо 10 сестри, има само четири или пет“, вели Бешлиовска.

Ова, додава таа, доведува до прегорување, замор и незадоволство и кај медицинскиот персонал и кај пациентите.

Договори на дело и неизвесност

Дополнителен проблем се привремените вработувања и договорите на дело.

„Сестрите не смеат да имаат статус на договорци. Пациентите не заслужуваат да ги лекуваат незадоволни, несигурни и потценети здравствени работници. Потребни се редовни вработувања и системско планирање на кадарот“, истакнува таа.

Образование без вреднување

И покрај високото образование и дополнителните специјализации, медицинските сестри често не добиваат признание за својот труд.

„Јас магистрирав здравствен менаџмент, бев испратена на школување за потребите на институцијата, а потоа со години не ми беше признаено образованието. Тоа е понижувачки“, вели Бешлиовска.

Ако денес не ги видиме – утре ќе ни недостигаат

Пораката што ја испраќа е јасна и загрижувачка:

„Ако медицинските сестри и понатаму останат невидливи, ако не се донесе закон за сестринска професија, ако не добијат лиценци и вистинска автономија ќе дојде ден кога сите ќе бидеме пациенти, а нема да има кој да се грижи за нас.“

Зачлени се на нашиот е-билтен