ДОМ: Наместо унапредување се уназадува на регулативата за минерални суровини и се загрозуваат природните богатства

ДОМ

ДОМ остро реагира на предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство кои наместо да ја зајакнат заштитата на јавниот интерес, животната средина и природните ресурси, отвораат сериозен ризик од нивно слабеење.

Како политичка партија која активно учествуваше во креирањето и унапредувањето на законската рамка во оваа област, ДОМ смета дека секоја измена мора да значи повисоки еколошки стандарди, поголема транспарентност и посилна заштита на граѓаните – а не олеснување на процедурите на штета на природните богатства и здравјето на луѓето.

Особено загрижува фактот, велат од ДОМ, што вакви важни законски измени се носат по скратена постапка, без широка јавна дебата, без вклучување на експертската јавност, локалните заедници и граѓанските организации кои со години предупредуваат на ризиците од неодговорно управување со минералните ресурси.

Според ДОМ, минералните суровини се ограничено национално богатство и со нив мора да се управува стратешки, одговорно и долгорочно. Недозволиво е профитот на поединци или интересите на крупни компании да се ставаат пред чистата вода, плодното земјиште, здравата животна средина и иднината на локалните заедници.

Од оваа партија укажуваат дека Македонија веќе има примери каде граѓаните јасно кажаа „не“ на проекти кои носат сериозни еколошки ризици. Наместо повторно отворање на прашања кои предизвикуваат оправдан страв кај јавноста, сметаат од ДОМ, потребни се политики кои ќе обезбедат одржлив економски развој, зелени инвестиции и заштита на природните ресурси.

ДОМ бара:

·        целосна транспарентност за предложените законски измени;

·        повлекување на решенијата кои ги намалуваат механизмите за контрола и заштита;

·        задолжителна јавна дебата со експерти, граѓани и локални заедници;

·        усогласување на законите со највисоките европски еколошки стандарди.

Природните ресурси не се предмет за брза распродажба. Тие се заедничко наследство на граѓаните и обврска кон идните генерации, се вели во сопштението на ДОМ и се наведува дека партијата ќе продолжи гласно да се спротивставува на секој обид за слабеење на еколошката заштита и ќе остане на страната на граѓаните, природата и одржливиот развој.

Зачлени се на нашиот е-билтен