Унгарската 4иГ, Орбан и ВМРО-ДПМНЕ: Телеком-зделка со политички багаж

Преку таен договор без тендер, ВМРО-ДПМНЕ отвора врата за влез на унгарската телекомуникациска компанија 4иГ – миленик на режимот на Виктор Орбан – како трет мобилен оператор во Македонија. Овој контроверзен потег ги спрегнува политичките елити и корпоративната моќ во сомнителна алијанса: владата на Орбан ѝ обезбедила на 4иГ тајна државна поддршка од над 70 милијарди форинти за нејзино експресно ширење, додека ВМРО-ДПМНЕ договара влез на компанијата зад затворени врати, без транспарентен јавен повик и конкурентна постапка. Резултатот е ризична комбинација на корупција, геополитичко влијание и нарушување на јавниот интерес.

Влез зад затворени врати, без тендер

На владина седница во август 2024 година, разгледано е писмо со намери од 4иГ за влез на македонскиот пазар како дел од стратегијата на компанијата за Балканот. Во соопштението, Владата го истакнува наводниот интерес за повеќе конкуренција и поевтини телекомуникациски услуги, но не наведува никаква транспарентна и конкурентна процедура – што вообичаено би значело отворен тендер. Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ ги прескокнува сите законски предвидени чекори и во четири очи директно си договара нов оператор, без јавен повик и без шанса други заинтересирани инвеститори да понудат подобри услови. Со едноставно “договорено” решение, се обезвреднува принципот на фер конкуренција кој гарантира најповолна или најквалитетна понуда на пазарот.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, си зема улога на промотор на 4иГ. Тој ја претставува унгарската компанија во суперлативи – како втор најголем телеком-оператор во Унгарија и водечки ИТ интегратор – потенцирајќи дека 4иГ веќе изградил значајно присуство во Црна Гора и Албанија под брендот ONE. Но она што Николоски не го кажува е дека ваквото експресно ширење на 4иГ е плод на политички ветар в грб од Будимпешта. Според истрагата на унгарскиот портал Директ36, Орбановата влада тајно ѝ помогнала на компанијата при преземањето на конкуренцијата дома и ѝ вбризгала над 70 милијарди форинти државни пари. Дополнително, 4иГ е меѓу „омилените“ компании на Орбан – инструмент преку кој унгарскиот премиер гради економска империја за политичко влијание.

Иронично, за специјалниот третман на 4иГ беше разгледувана дури и можност за посебен закон – пристап што ВМРО-ДПМНЕ жестоко го критикуваше кога претходната влада го користеше за големи стратешки инвестиции. Додека партијата во опозиција гласно се противеше на „кроење закони за инвеститори по мерка“, сега, штом нивни блиски сојузници се во игра, истото тоа станува опција зад кулисите. Транспарентноста и правилата се жртвувани во име на партиски договорени зделки.

Под притисок на јавноста и експертите, надлежните сепак распишаа тендер за трет мобилен оператор во текот на 2025 година – но на него единствен понудувач се појави токму компанијата на 4иГ. Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) дури го продолжи рокот по барање на единствениот кандидат „Ван Македонија Телекомуникации“ – подружница на 4иГ – за конечно во јануари 2026 да ја избере како најповолен понудувач. Со тоа, планот на ВМРО-ДПМНЕ се оствари без реална конкуренција на терен, што ги потврдува сомнежите дека целиот процес бил однапред детерминиран. Формалниот тендер не успеа да ја прикрие суштината: истата компанија фаворизирана во „четири очи“ си ја доби работата, само обвиена со привид на процедура.

4иГ – омилената фирма на Орбан

Компанијата 4иГ не е обичен телекомуникациски инвеститор, туку столб на бизнис-империјата на Виктор Орбан. Во Унгарија, 4иГ за неколку години од мал ИТ играч прераснува во телекомуникациски гигант, со бурен раст потхранет од државната каса на Орбановата влада. Истражувачките новинари на Директ36 открија дека 4иГ агресивно го презела поголемиот дел од унгарскиот телекомуникациски пазар со цел да се собираат големи количини информации во служба на власта. Орбан лично се вклучувал во зделки – во Лондон во 2021 посредувал за 4иГ да купи телекомуникациска фирма, сигнализирајќи им на инвеститорите дека “државата стои зад овој договор”. Иако формално приватна, 4иГ дејствува како продолжена рака на Орбановите интереси: компанијата се шири брзо со силна владина поддршка и нејзиниот развој е „тесно усогласен“ со регионалните амбиции за моќ на Орбан.

Со државни пари и политички благослов, 4иГ за кратко време стана втор најголем оператор во Унгарија, а во 2022 тргна во експанзија на Балканот. Целта на Орбан е јасна – Западен Балкан да го претвори во унгарска сфера на влијание и 4иГ е алатката за освојување на телекомуникациските пазари во регионот. Компанијата веќе купи оператори во Албанија и Црна Гора (ребрендирани како “ONE”), обезбедувајќи си критична инфраструктура и пристап до податоци надвор од Унгарија. Ова ширање не е само бизнис-потфат туку стратегиски продор на Орбановиот режим на југ. Унгарските новинари потсетуваат дека 4иГ е поврзана со регионалните моќнички амбиции на Орбан – премиерот кој јавно изјавува дека Балканот треба да биде под унгарско влијание.

Не случајно, Орбан често ја нарекува 4иГ „наша национална шампионка“, а нејзиниот сопственик Гелерт Јазаи важи за близок до владата. Оваа компанија е дел од “мафијашкиот капитализам” во Унгарија, каде државни тендери, медиумски империи и телекомуникации се контролирани од круг на Орбанови сојузници. 4иГ е интегрирана и во други сектори: има инвестициски проекти и во одбранбената индустрија, партнерства со западни корпорации (на пр. германски Rheinmetall), но и со кинески технолошки гиганти (Huawei). Токму оваа двојна игра – формално соработка и со Западот и со Истокот – ја прави 4иГ идеална за Орбановиот модел на илиберална моќ: користење на бизнисите за ширење на политичко влијание, заобиколување на правилата на ЕУ, и профитирање на тесен круг моќници. Влезот на 4иГ во Македонија треба да се гледа во тој контекст – не како обичен пазарен потег, туку како дел од мозаикот на Орбановото влијание на Балканот.

Сојузот Орбан–ВМРО: медиуми, азил и заем за влијание

Влегувањето на 4иГ на македонскиот пазар не е изолиран настан, туку кулминација на години тесно сојузништво меѓу Виктор Орбан и врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Унгарскиот премиер отворено застана зад конзервативната македонска партија уште откако ВМРО беше соборена од власт во 2017. Најеклатантен пример е бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта. Во ноември 2018, Груевски – осуден за корупција – пребега од Скопје, за само неколку дена да добие политички азил во Унгарија по забрзана постапка. Орбан, кој градеше кариера на анти-имигрантска реторика и затворени граници, направи преседан и го прифати својот балкански сојузник со разградени раце. “Анти-азилантот” Орбан направи исклучок за пријателот во неволја, забележа тогаш британскиот „Гардијан“. Груевски не само што не беше држен во транзитен центар како обичните азиланти, туку унгарските власти му овозможија комодитет – без преседан му одобрија азил буквално за неколку дена. Сомнежите дека сето тоа е договорено на највисоко ниво беа потврдени откако се откри дека Груевски ја напуштил Македонија во автомобил на унгарска амбасада и дека унгарски разузнавачи логистички му помогнале по патот. Јасно е дека Орбан лично интервенираше да го спаси Груевски од затвор – гест на солидарност меѓу сродни авторитарци.

Овој потег на Орбан се совпадна со геополитички чувствителен момент. Македонија тогаш го финализираше Преспанскиот договор за промена на името, отворајќи си го патот кон НАТО и ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ жестоко се противеше на договорот со Грција, исто како и Русија – која не сакаше да види Македонија во НАТО. Орбан јавно го поддржа ставот на Груевски против промената на името, позиционирајќи се како заштитник на „традиционалните вредности“ и противник на „бриселската диктатура“. Додавањето на азил за Груевски беше шамар за Брисел и сигнал дека Орбан ќе ги штити своите балкански пулени дури и по цена на меѓународен скандал. “Не гледам добра причина да се ризикува дипломатски инцидент за ова, освен ако нема огромна корупциска зделка или скриен геополитички интерес,” изјави тогаш унгарски опозициски пратеник Мартоњ Ѓонѓоши. Неговите зборови пророчки ја најавија иднава разврска: зад азилот и братимeњето Орбан–Груевски навистина се криеја и бизнис и геополитички зделки, кои сега испливуваат на површина.

Откако ВМРО-ДПМНЕ падна од власт, Орбан помогна партијата да го задржи влијанието преку финансиско и медиумско вливане во Македонија. Унгарски бизнисмени блиски до Орбан купија или финансираа македонски медиуми наклонети кон десницата. Истражување на OCCRP и ИРЛ-Македонија откри дека две поранешни високи фигури од унгарската државна телевизија основале компании во Скопје и во 2017-2018 купиле контролни удели во најмалку шест македонски медиуми. Меѓу нив се телевизијата Алфа – позната по пропагандна поддршка на ВМРО, како и низа портали (Курир, Република, Лидер, Денешен и др.) кои беа гласила на Груевскиевата влада. Овие медиуми, кои шират провокации и фабрикати против опозицијата и граѓанското општество, со унгарските пари добија свежа инфузија за да продолжат да ја туркаат десничарската агенда. Според аналитичарите, Унгарија со тоа си создаде „функионален медиумски апарат“ во Македонија, налик на оној дома: фабрика за вести лојални на Орбан и неговите сојузници. Така, Орбан стана таен покровител на ВМРО-ДПМНЕ, помагајќи му преку медиумско влијание да ја одржи базата мотивирана и наратинот жив, и покрај опозицискиот статус.

До 2023-24 се создадоа услови ова сојузништво да се валоризира и на државно ниво. Владата на Орбан и раководството на ВМРО-ДПМНЕ воспоставија неформален „стратешки економски пакт“, кој кулминира со две спорни одлуки: голем унгарски заем за Македонија и влезот на 4иГ како трет оператор. Во средината на 2023, Будимпешта одобри на Скопје поволен кредит од 500 милиони евра (со можност и до 1 милијарда) преку Унгарската Exim банка. Овој долг беше договорен директно меѓу владите, без класична транспарентност, и со брзо усвојување специјален закон во македонското Собрание на крајот од септември 2024. ВМРО-ДПМНЕ, која во меѓувреме влезе во извршната власт, го претстави заемот како „спас“ за економијата и доказ за пријателството со Унгарија. Сепак, економистите и опозицијата предупредија дека станува збор за геополитички мотивиран долг што ќе ја заложни Македонија под унгарско влијание. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека ставаме државата во економско и политичко заложништво на друга земја, нарекувајќи го заемот „бизнис-план на Мицкоски“ на штета на граѓаните. Тој потсети дека Мицкоски вчера обвинувал за “подаништво кон Брисел”, а денес самиот станал најголем поданик на Будимпешта – земја со отворено проруски и происточни тенденции во ЕУ. Навистина, Орбанова Унгарија е единствена членка на ЕУ што отворено кокетира со Москва и Пекинг, блокира европски санкции и шири реторика против „либералниот Запад“. Со ваков кредит, посочи Филипче, македонската стратегиска ориентација може да потпадне под силно унгарско влијание – цената на парите е влијание врз одлуките на идната влада.

Набргу по договорот за кредитот, стигна и првата „фактура“ од Будимпешта: најавата дека телеком-компанија блиска до Орбан ќе влезе во Македонија. Во јавноста ова изгледаше како директна противуслуга – Орбан дава пари, а за возврат добива контролa врз стратегиски сектор во туѓа земја. ВМРО-ДПМНЕ тоа го спакува како наводно инвестициски успех. „Граѓаните ќе добијат нов провајдер и поевтини услуги“, изјави Христијан Мицкоски откако 4иГ официјално ја доби лиценцата, правдајќи се дека конкуренцијата ќе донела бенефит за потрошувачите. Во видео-обраќање од Светскиот економски форум во Давос, Мицкоски дури откри дека се сретнал со сопственикот на 4иГ и дека компанијата планира „над 100 милиони евра инвестиции“ во Македонија. Но додека власта слави, експертската јавност е скептична. Најавувана како „голема инвестиција“, 4иГ реално ништо нема да донесе за граѓаните и економијата – оценува Филипче. Искусни познавачи предупредуваат дека двата постојни оператора веќе опслужуваат мал пазар и трет оператор без своја инфраструктура тешко дека значајно ќе ги намали цените, но може да влезе во картелски договори со нив. Со други зборови, придобивките за корисниците се неизвесни, додека придобивките за Орбан и за ВМРО се очигледни.

Пактот меѓу Орбан и ВМРО-ДПМНЕ сега се материјализира: унгарски пари, медиумска поддршка и корпоративно присуство во замена за политичка лојалност и услуги. Ваквата спрега култивира клиентелистички модел на владеење – македонската држава ризикува да стане пион во играта на еден ЕУ-лидер со авторитарни наклоности. За Орбан, тоа е остварување на влијание во туѓ двор; за ВМРО, сигурносна мрежа и ресурс за враќање и опстанок на власт. За демократијата и граѓаните, пак, ваквата спрега значи разнебитување на суверенитетот и поткопување на евро-атлантските заложби на земјата.

Корупциски и безбедносни ризици

Начинот на кој 4иГ се протнува во Македонија повлекува сериозни прашања за корупција, конкурентност и национална безбедност. Прво, договорот без тендер го заобиколува системот на законска контрола. Кога однапред се избира „победник“ без натпревар, се отвора простор за коруптивен дил – провизии „под маса“, скриени сопственици, политички влијанија. Неодамнешната историја на Македонија нè научи дека ваквите нетранспарентни мегапроекти честопати се спроведувале на штета на јавните пари. Случајот со 4иГ не смее да биде исклучок: Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државната комисија за спречување на корупцијата треба внимателно да го анализираат овој договор. Како може една странска компанија да добие толкави концесии без јавен повик? Дали се проценети ризиците и бенефитите за државата, или партискиот интерес бил единствениот водич? Ова се прашања на кои одговор треба да дадат надлежните, ако не сакаме климатот на неказнивост да продолжи.

Венко Филипче алармираше дека „фактурите од договорот со Унгарија“ допрва ќе пристигаат – алудирајќи на скриени зделки зад унгарскиот кредит. Тој отворено изјави дека една од причините што ВМРО-ДПМНЕ избра заем од држава (Унгарија) наместо од меѓународна финансиска институција е помалата контрола врз трошењето на парите. „Ова значи дека средствата ќе се трошат неконтролирано, што апсолутно значи многу корупција,“ вели Филипче. Наводно, уште пред да стигнат парите, раководството на ВМРО веќе преговарало со фирми за општинските проекти што ќе се финансираат од кредитот, при што ќе има офајдување на бизниси блиски до партијата. Ова сценарио наликува на мрачните денови на режимот на Груевски, кога преку проектот „Скопје 2014“ и други инвестиции се пренасочуваа милионски суми кон џебови на провладините олигарси. Доколку истите актери сега, поткрепени со Орбанови пари, тргнат по тој пат, заробувањето на државата би се вратило во полн ек.

Вториот сериозен аспект е заканата по националната безбедност и евро-атлантската ориентација. 4иГ е компанија со непримерени врски со кинеската технологија Huawei, која глобално е означена како безбедносен ризик од многу западни земји. Унгарија под Орбан е единствената во ЕУ што отворено пркоси на препораките и склучува нови партнерства со Huawei. Во октомври 2023, унгарскиот министер за економија Мартон Наѓ во Шенжен потпиша меморандум за стратегиска соработка со Huawei во областа на 5G и облачни услуги, уверувајќи ја Кина дека Будимпешта останува отворена за нејзините технолошки инвестиции. Истовремено, директорот на 4иГ Гелерт Јазаи во Пекинг потпиша одделен договор со Huawei за соработка во развој на 5G мобилни мрежи, фиксни комуникации, дата-центри и ИТ инфраструктура. Со други зборови, 4иГ е цврсто испреплетена со Huawei – компанија која САД и НАТО сојузниците ја сметаат за екстензија на кинеската комунистичка држава и потенцијален инструмент за шпионажа и сајбер-закани.

Како ова се вклопува во македонската регулатива и стратешки определби? Северна Македонија, како членка на НАТО, се има обврзано (преку усвоени законски измени) да користи исклучиво „доверливи добавувачи“ во телекомуникациите, исклучувајќи опрема од непроверени кинески или руски фирми. Министерот Николоски формално уверува дека „секој нов оператор мора да биде од ЕУ/НАТО држава и да користи ’чиста‘ технологија без опрема од Русија, Кина или Индија“, повикувајќи се на тоа дека 4иГ е унгарска и дека е поврзана со германски Rheinmetall. Но ова ветување звучи шупливо со оглед на јавно декларираната соработка на 4иГ со Huawei. Дали 4иГ ќе се откаже од партнерството со Huawei заради Македонија? Или пак, ќе се бараат начини заобиколно да се внесе кинеска опрема под друго име? Ако судиме по праксата на Орбан, второво е поверојатно.

Американските власти веќе изразија загриженост дека унгарското отворање врати за Huawei претставува „Тројански коњ“ во НАТО – слаба алка преку која Пекинг добива прислушни точки во сојузничките комуникации. Доколку сега Македонија по линија на Орбан впушти Huawei-инфилтриран оператор, може да се доведе во прашање довербата со партнерските служби и да се создадат безбедносни празнини. Колку и да ветува Николоски „чиста технологија“, факт е дека 4иГ практично НЕ би можела да ги реализира своите 5G планови без Huawei, со кој веќе гради мрежи во Унгарија, Црна Гора и Албанија. Тоа значи дека македонските комуникациски системи, вклучително и чувствителни државни комуникации, би можеле индиректно да зависат од технологија наменски избегнувана од НАТО. Ризикот по националната безбедност е реален, а одговорноста ќе падне на оние кои го туркаат овој договор.

Дополнително, геополитичките импликации од оваа зделка не смеат да се занемарат. Орбановиот режим е во отворен судир со тековите на ЕУ – со години е критикуван за поткопување на демократијата дома, а надвор гради блок со автократските сили. Неговото навлегување во стратешките сектори на Балканот оди рака под рака со интересите на Москва и Пекинг за поголемо присуство во регионот. Македонија, која официјално тежнее кон членство во ЕУ, со потезиве на ВМРО-ДПМНЕ ризикува да се врзе за најконтроверзниот лидер внатре во Унијата – човек кој во Брисел е обележан како “Тројански коњ на Кремљ” и кој отворено зборува за крај на ерата на либерална демократија. Доколку дозволиме клучните инфраструктури (медиуми, телекомуникации, енергетика утре?) да паднат под контрола на Орбанови фирми, можеме да се најдеме во ситуација на политичка уцена и оддалечување од европските стандарди. Веќе гледаме како Бугарија и Хрватска изразуваат негодување, а САД предупредуваат за кинескиот фактор зад унгарскиот заем.

Во заклучок, влезот на 4иГ не е само комерцијална инвестиција, туку тест за суверенитетот и иднината на Македонија. Наместо нова ера на конкуренција и пониски цени, добиваме спрегa на политика и бизнис што мириса на повторно заробување на државата – овој пат со меѓународна помош. Државните институции мора да покажат ’рбет: да инсистираат на целосна транспарентност, да ги проверат сите договори и да гарантираат дека безбедносните критериуми нема да бидат погазени. Во спротивно, ризикуваме стратегиски да залутаме во орбитата на еден туѓ центар на моќ, со трајни последици по демократијата и благосостојбата на граѓаните. Сите патишта на ваквите зделки водат кон зависност и корупција – време е јавноста гласно да праша: дали овој “трет оператор” доаѓа за доброто на народот или за доброто на неколку моќници?

Зачлени се на нашиот е-билтен