Библиотекарката Лидија Димовска предупредува дека без вложување во книги, култура и читање, го губиме образованието, идентитетот и иднината на новите генерации.
„Да се биде библиотекар не е само професија, туку мисија“, вели таа. „Пред сè, мора да ја сакате книгата. Да бидете страстен читател, за да можете таа љубов да ја пренесете и на другите.“
За Лидија, библиотеката не е само простор со полици и книги. Таа е место на емоции, на средби, на први допири со знаењето. Вистинската вредност, како што вели, не е само во фондот, туку во односот што се создава меѓу читателот и книгата.
„Најголем акцент ставаме на децата од предучилишна возраст. Токму таму се поставуваат темелите. Ако тогаш ја разбудите љубовта кон книгата, таа останува за цел живот“, раскажува Димовска.
Во библиотеката редовно се организираат работилници, тематски средби и креативни активности. Децата, вели таа, не заминуваат само со книга во рака, туку со насмевка и желба повторно да се вратат. А таа желба често ги носи и родителите – нови читатели, нови членови на библиотеката.
„Во ова дигитално време, ние сме како светилници. Не за да водиме, туку за да го осветлиме патот по кој секој сам ќе тргне кон знаењето. А тој пат, верувам, води само преку книгата“, вели таа.
Но, зад љубовта и ентузијазмот стои и една тивка борба. Борба за опстанок, за внимание, за поддршка.
„Порано библиотеките добиваа многу повеќе средства. Денес, за жал, културата е на маргините. А ние сме директно поврзани со образованието. Без книги, без вложување – нема иднина“, предупредува Димовска.
Таа отворено апелира до институциите, особено до Градот Скопје, да не ја забораваат улогата на библиотеките.
„Ние секојдневно водиме тивка војна – против заборавот, против незнаењето. Ако не вложуваме во културата, сечеме гранка на која самите седиме. Тогаш се губи и идентитетот, и вредностите, и насоката во која одиме како општество.“
Зборовите на Лидија Димовска не се само лична исповед, туку предупредување и порака. Во време на брзи информации и плитки содржини, библиотеките остануваат последните тивки тврдини на знаењето.
И токму затоа, како што вели таа –
книгата не смее да биде заборавена, затоа што без неа – нема светлина.