Три моќни женски гласови ќе одекнат вечерва: „Што значи да бидеш слободна жена“

Вечерва, во Синеплекс, хала 8, со почеток од 19 часот, во организација на издавачката куќа „Сакам книги“ ќе се спојат три моќни женски гласови во разговор што ветува да биде повеќе од обична дискусија – ќе биде патување низ личните и колективните пранги што секоја жена ги носи со себе. Италијанската авторка Виола Ардоне, македонската писателка и основач на женската организација „Better woman, better world”, Ксенија Николова,  и социјалната менторка Магдалена Чадиноска Кузманоски од Паблик, организација фокусирана на социјална интеграција и развој на социјалното претприемништво, ќе зборуваат за тоа што значи да бидеш слободна жена, секоја од своја перспектива, секоја со своја приказна и искуство.

Слободата никогаш не е едноставна дефиниција. Таа е различна за сите, затоа што секоја жена тргнува од сопствените окови и сопствените битки. Вечерва ќе се обидеме да ги ослободиме тие окови, да ја преиспитаме слободата низ литературата, низ активизмот и низ практичната работа со жени од ранливи категории. Ќе се отвори дијалог што ќе ја спои италијанската и македонската перспектива, ќе се постават прашања за тоа дали слободата е лична или колективна борба, и ќе се понудат патокази за тоа како таа може да се реализира во секојдневниот живот.

Специјален говорник на вечерта е г. Морено Ѕела, заменик шеф на мисијата при Италијанската амбасада во Скопје, кој ќе ја истакне поддршката на амбасадата за културната размена и за промоцијата на женските права преку книжевноста.

Пред настанот, на штандот на „Сакам книги“ на Саемот, специјалната гостинка Виола Ардоне потпишуваше книги. Читателите ќе имаат ретка можност да ја запознаат одблизу авторката на романот „Нескршливото срце на Олива Денаро“, дело инспирирано од вистинска приказна за храброста да се отфрлат општествените окови, за кое во моментов се снима филм.

Присуството на овој настан е можност да се понесе ново знаење, нова инспирација и нова храброст. Вечерва ќе одекнат три моќни женски гласови, а секој присутен ќе замине со своја лична дефиниција за слободата и со идеја како таа да се претвори во реалност.

Зачлени се на нашиот е-билтен