Во Северна Македонија можат да се изградат соларни електрани со моќност од околу 10.000 мегавати и ветерни централи со моќност од 2.000 до 4.000 мегавати. Тие би биле позиционирани надвор од заштитени подрачја и од плодно земјоделско земјиште, во карпи и камењари, грмушести и тревести еко системи како и на деградирано рударско земјиште.
Методологијата за најповолни локации за изградба на соларни и ветерни централи што ја работеше МАНУ, заедно со Еко-свест и The Nature Conservancy содржи две мапи за соларни и за ветерни централи во кои се анализирани поголем број локации кои, од една страна, би биле најдобри за идните инвеститори кои би сакале да вложуваат во обновливи извори на енергија, и кои, од друга страна, би обезбедиле соодветна заштита на природата, биодиверзитетот и изворите на храна.
Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ вели дека земјава троши од 7.000 до 8.000 гигават часа енергија, а потенцијалот од 10.000 мегавати само од соларните електрани може да произведе околу 14.000 до 15.000 гигават часа, што значи дека имаме доволно капацитет и потенцијал за изградба на соларни и на ветерни централи.
„Кога ќе се изработуваат идни стратешки документи за енергетика, ќе имаме податоци каде би требало да се градат овој тип на објекти. Во анализата разгледани се и сите истрошени рударски капацитети и само на пет рудници во земјава може да се изградат соларни електрани со околу 800 мегавати моќност вклучувајќи ги и Суводол и Брод-Гнеотино“, вели Дединец.
Тој посочува дека паметното енергетско планирање треба да ги вклучува сите чинители и дека потребата од воведување обновливи извори на енергија е неспорна, но не по секоја цена и не на секоја локација. Процесот на одредување на најповолните локации во земјата каде што можат да се прават соларни и ветерни електрани е започнат заедно со „Еко свест“ и The Nature Conservancy, а некои од условите се да не се градат на земјоделско земјиште и во заштитени подрачја како национални пракови или територии важни за птици или растенија, или онаму каде што се веќе изградени вакви централи, каде што има достапни патишта и дистрибутивна мрежа.
„Бошков мост и Луково поле се проекти планирани во претходната Стратегија, но не се реализираа заради тоа што сите засегнати страни не беа консултирани и согласни. Тоа нè чинеше загуба на десет години од потенцијално домашно производство. Тоа не смее да се случи со планирањето на обновливите извори на енергија“, посочува Дединец.
Игор Вејновиќ од The Nature Conservancy вели дека паметното енергетско планирање со кое ќе се избегне конфликтот меѓу енергетската транзиција и заштитата на биодиверзитетот е пристап кој е прифатен насекаде во светот, а се применува и во регионот, каде потенцијалот на сонцето и ветерот се големи, но и каде богатството на биолошката разновидност е исклучително.
Вејновиќ посочува дека процесот мора да има и регионален пристап, бидејќи дистрибутивните мрежи на земјите се поврзани, сите имаат различни ресурси што може да ги користат, а и природата нема граници.
„Енергетската транзиција е неизбежна, а за две години сите земји од ЕУ ќе треба да ги имаат дефинирани овие зони без конфликт. С. Македонија е една од првите држави во кои го почнавме овој процес, токму заради потенцијалот и ресурсите кои се достапни. Се фокусираме на локации кои се браунфилд земјиште што е веќе деградирано. Многу е важно транзицијата да се симне на локално ниво и во процесот да учествуваат општините кои треба да планираат како треба да се развива земјиштето на нивната територија“, вели Вејновиќ.
Преземено од МЕТА