СДСМ за целосна интеграција во ЕУ е единствената прифатлива насока за државата, а БРИКС не е опција, порача партиската портпаролка Богданка Кузеска.
Кузеска истакна оти СДСМ останува цврсто определена за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија, со сите права, вклучително и правото на глас, и дека тоа, според партијата, е единствената прифатлива опција. Истовремено, таа посочи дека до сега нема официјална одлука на Европската комисија, Европскиот совет или Европскиот парламент што би предвидувала полноправно членство без гласачки права.
Според Кузеска евентуалното разгледување на такво прашање би можело да има смисла само ако тоа стане официјална позиција на институциите на ЕУ. Со ова, СДСМ во настапот се обидува да постави јасна линија меѓу политичките шпекулации во домашната дебата и формалните одлуки што би доаѓале од Брисел.
Во истиот настап, Кузеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски за антиевропска кампања, со тврдење дека Европската Унија се претставува како фактор што врши притисок врз државата, наместо да се става акцент на домашните обврски и реформите. Таа оцена и дека блокирањето на уставните измени и создавањето проблеми со соседите ја држат државата во стагнација.