СДСМ го праша Мицкоски како млад човек без плата да купи стан

„Како да купи стан млад човек кога нема работа ниту плата?“ Со ова прашање СДСМ го повика премиерот Христијан Мицкоски да објасни колку најавените поевтини станови ќе им бидат достапни на младите. Повод за реакцијата е споредбата на „Еуроњуз“ според која Македонија, со стапка на младинска невработеност од 29 отсто, е трета меѓу 35 европски земји опфатени со анализата.

Податоците се однесуваат на второто тримесечје од 2026 година. Од април до јуни, повисока стапка од Македонија имале само Босна и Херцеговина, со 32,2 отсто, и Романија, со 30,7 отсто. Просекот во Европската Унија изнесувал 15,6 отсто. Македонската стапка била за 13,4 процентни поени над тој просек. Споредбата ја изработил „Еуроњуз“ врз основа на податоци од Евростат.

Што значат тие 29 отсто? Од секои 100 економски активни млади на возраст од 15 до 24 години во Македонија, 29 биле без работа и активно барале вработување. Учениците и студентите кои не работат и не бараат работа се надвор од таа пресметка.

СДСМ го поврза овој податок со најавите на Мицкоски за поевтини станови за млади брачни парови и за ослободување од комуналии при изградба на куќа. „Еве ја третата економија во Европа на Мицкоски“, порача партијата, оценувајќи дека Владата го занемарува прашањето од кој приход младите би го платиле и поевтиниот стан.

Домашната статистика дава податок и за младите кои се поблиску до возраста за која се најавува станбената мерка. Во истото тримесечје, кај економски активните лица од 15 до 29 години стапката на невработеност изнесувала 24 отсто. Тоа е повеќе од двојно над општата стапка на невработеност во земјата, која Државниот завод за статистика ја измерил на 11,3 отсто.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?