Трендафилов за Рацин.мк „Сè поскапува, само платите поевтинуваат“

Власта одбива да ги зголеми платите, а сега се отвора и прашањето за одземање на слободното време на работниците, предупредува претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, во неделното интервју за Рацин.мк. Најавите за преиспитување на неделата како неработен ден тој ги поврзува со поширок притисок за намалување на работничките права – од предлозите за кратење на празниците до начинот на пресметување на платите.

Трендафилов тврди дека податоците со кои располага ССМ покажуваат раст на профитите на компаниите, додека голем дел од работниците остануваат со примања што не ги покриваат основните потреби. Зад недоволниот одѕив на протестите, според него, често стои стравот за работното место, кој дополнително ги ослабува работниците во преговорите со работодавачите.

Во разговорот посебно место има приватниот сектор: зошто работниците бараат синдикална помош дури кога ќе се појави проблем, што добиваат преку колективните договори и како можат да се организираат во својата компанија. Неговата порака е дека повисоката плата и подобрите услови се резултат на организирање и преговарање, а не подарок од директорот, министерот или премиерот.

Рацин.мк: Зошто синдикатите сè уште се релевантни, и во светот и во Македонија?

Трендафилов: Затоа што се борат и не се молат.

Синдикатите во континуитет си ја работат својата работа: на секоја власт ѝ укажуваат на недостатоците и на појавите што се на штета на работниците, со цел да се подобрат и да се унапредат работничките права.

Секоја власт, кога ќе седне во удобните фотелји, канцеларии и службени возила, малку поинаку гледа на светот отколку кога е во опозиција. За нас е клучно да продолжиме да ја работиме својата работа, без оглед дали една владејачка гарнитура се променила со друга или со трета.

Рацин.мк: Остро реагиравте на изјавата на заменик-министерот за враќање на неделата како работен ден. Каков е вашиот став?

Трендафилов: Можеме и поостро. Заменик-министерот заслужува уште поостро да се конфронтираме, затоа што неделата е човеково право – да бидете дома со семејството, да го поминете времето со децата, а доколку имате финансиски средства, да излезете и на ручек.

Сакаат да ни одземат нешто што сме го обезбедиле со протести и штрајкови во 2022 година. Тоа е нелогично, особено ако се има предвид дека во држави во кои се мисли на работниците веќе се заговара четиридневна работна недела, со кратење на уште еден работен ден.

Кај нас владините функционери сè уште сметаат дека и саботата е работен ден. Воведувањето на неделата како неработен ден донекаде ја регулираше и прекувремената работа. Луѓето знаат кој ден задолжително се слободни и дека имаат право на дополнителен слободен ден во текот на неделата. Претходно беа убедувани од работодавачите и од власта дека имаат право само на еден слободен ден, што е неточно.

Не нè интересира дали тоа е личен став на заменик-министерот или став на Владата. Треба да бидат претпазливи кога сакаат нешто да скратат. Одбиваат да ја зголемат платата, а сега сакаат и слободното време да им го одземат на работниците.

Рацин.мк: Во приватниот сектор многу работници работат и во сабота, а во дејностите што се исклучоци и во недела. Каде ги гледате најголемите злоупотреби?

Трендафилов: Во сабота се обидуваат да работат сите, а работниците ги манипулираат дека тоа не е прекувремена работа.

Имаме четириесетчасовна работна недела, распоредена во пет дена по осум часа. Ако работите од понеделник до петок, саботата ви е прекувремена работа или неработен ден. Имате и ограничувања над колкав број часови во текот на годината не смеете да работите. Работодавачите се соочуваат со санкции, но гледаме дека не се санкционираат и продолжуваат со злоупотребите.

Прават злоупотреби и со прераспределбата на работното време. Ви кажуваат дека од понеделник до петок ќе работите пократко, на пример по шест часа, а другите часови ги распоредуваат во сабота. Уште пострашно е што работниците на кои на тој начин им е прераспределено времето повторно работат по осум часа, а за два часа не се платени.

Прекувремената работа се плаќа 130 отсто за секој поминат час. Ним им пречи што работниците треба да добијат надоместок за работата. Сакаат да нè вратат пред 2022 година и да ги уназадат работничките права.

Рацин.мк: Дали корените на ова ги гледате во политиката Македонија да се нуди како дестинација за евтина работна сила?

Трендафилов: Македонија не смее повторно да биде елдорадо за големиот бизнис.

И денес, за жал, работниците ги нудат како евтина работна сила. Минималната плата е најниска на Балканот, а за Европа и да не зборуваме. На тој начин се обидуваат да привлечат работодавачи на кои ќе им понудат евтини работници. За толку ниска плата дури и Непалци бегаат од Македонија.

Мислевме дека ќе има разбирање и дека растот на минималната плата ќе стане реалност кај нас пред да се случи насекаде околу нас. Укажувавме дека ќе заминат и квалификуваните работници што останале за некаква повисока плата. Зборуваме за луѓе со 40.000 или 50.000 денари, кои веќе не се задоволни ни со тој износ.

Но, претставниците на власта, заедно со работодавачите, беа цврсто убедени дека и овие 423 евра се премногу за македонскиот работник како минимална плата.

Рацин.мк: Велите дека работодавачите и претставниците на власта се координирани. На што го темелите тоа?

Трендафилов: Се отвораат прашања што значат само уназадување на работничките права. Прво ги отвораат газдите, па власта, па повторно газдите и повторно власта.

Првиот обид беше со кратењето на празниците. Вториот беше предлогот за плаќање плата по работен час. Третиот е ова срамежливо кажување, како личен став, дека можеби треба на сите да им се дозволи да работат во недела.

Замислете, образложението е дека луѓето заминувале од Македонија во земји во кои се работи во недела. Таквиот изговор е навредлив за работниците.

Рацин.мк: Останувате ли на барањето минималната плата да се зголеми на 600 евра?

Трендафилов: Мора да се зголеми. Работниците денес укажуваат дека се потребни и повеќе од 600 евра.

Две години протестираме и преговараме. Се потрудивме да зборуваме и на нивниот јазик — изготвивме анализа. Но, таа се разликува од онаа што ја објавија пред некој ден, според која за режиски трошоци ви требаат само 3.800 денари. Веројатно живееме на различни планети.

Ги читав коментарите на социјалните мрежи. Коментарите беа од луѓе што поддржуваат една политичка опција, друга или ниту една. Да им пресметувате дека со неколку илјади денари можат да ги платат комуналните услуги, струјата, водата и греењето е потценување на интелигенцијата на работниците.

Ако имате плата од 120.000, 130.000 или 150.000 денари и таа одвај ви стигнува во месецот, немате реална претстава што прават луѓето со 26.000 денари и како се снаоѓаат да преживеат.

Токму затоа се задолжуваат со брзи кредити, плаќаат рати и камати и избираат која сметка да ја платат овој месец. Еден месец струјата, следниот парното. Префрлањето на обврските од еден во друг месец не го решава проблемот.

Ние се обидуваме да им кажеме со колку пари не може да се преживее. Тие се обидуваат да ни кажат дека може и со помалку.

Секој знае колку може да ја наполни кесата во супермаркет, како ги плаќа сметките и дали може нешто да заштеди со вакви ниски плати. Почна грејната сезона, а сметките ќе бидат високи.

Постојано слушаме работниците да се договорат за платите, додека тие стагнираат на дното. Од друга страна, поскапуваат брашното, јајцата, млечните производи, лебот, транспортот, електричната енергија, парното. Некако сè поскапува, само платите поевтинуваат во Македонија.

Рацин.мк: Дали проблемот е што економијата нема доволно пари или што парите не стигнуваат до работниците? Што покажуваат вашите податоци?

Трендафилов: Се богатат.

Сите податоци што ги доставивме до социјалните партнери ги обезбедивме од релевантни институции — Управата за јавни приходи, Државниот завод за статистика, Централниот регистар. Две години чекаме да нè демантираат.

Податоците покажуваат дека профитите на компаниите се зголемуваат од година во година. Огромни профити им генерираат токму работниците за кои велат дека не се продуктивни и кои работат за толку ниски плати.

Меѓународната организација на трудот направи истражување за продуктивноста на работниците на глобално ниво. Нашата продуктивност е над светскиот просек, но одбиваат и тоа да го земат како аргумент.

Веројатно сметаат дека работниците се задоволни затоа што не ги гледаат на улица. Ако има луѓе на улица, тогаш незадоволството е големо. Ако нема, тогаш на Слободан или на некој во ССМ му текнало да бара зголемување на платите и им прави галама на власта и на работодавачите.

Ако УЈП ви покаже дека 50 отсто од работниците имаат плата под 600 евра или дека една третина се под прагот на сиромаштијата, како можете да излезете и да кажете дека само 36.000 луѓе живеат со минимална плата и дека нема потреба таа да се зголеми?

Тоа се 36.000 семејства. Ако ги помножите со двајца или со четворица членови, ако имаат и по две деца, станува збор за многу сериозна бројка.

На протестите за минималната плата излегуваа и луѓе со далеку повисоки примања, од солидарност, за да се зголемат платите на оние со најниски приходи. А луѓето со минимална плата веројатно се исплашени.

Ако земете предвид што ни правеа нам како нивни претставници, пораката е: видете што можеме да им направиме ним, со вас ќе биде многу полесно. Но, стравот треба да заврши кога ќе го отворите фрижидерот и ќе го видите празен.

Рацин.мк: Се соочувате ли со притисоци поради вашите настапи и барања?

Трендафилов: Се соочувавме, а веројатно сè уште се соочуваме. Тоа веќе ни стана навика. Наша работа е ние да ги трпиме притисоците, за да не ги трпат работниците.

Не треба да молчиме, затоа што пред неправдата никој не смее да молчи. Дури и на владина седница, ако се прави неправда некому, треба некој министер да крене два прста и да каже: „Чекајте, ова што го правиме е нелогично“.

Политичарите имаат работа да водат политика. Ние имаме работа да се бориме за зголемување на платите и подобрување на животниот стандард. Но, тие мислат дека ако сме гласни, тогаш сме против нив. Искрено, тоа го мислеше и претходната влада.

Работам во ССМ од 2011 година. Се променија повеќе премиери и влади, но во континуитет состојбата беше таква. Власта отсекогаш сакала да ги има синдикатите под контрола и, ако може, да ги замолчи.

Кога сте на власт, не сакате да слушате за негативните појави, туку сакате да зборувате за убави работи. Но, како да зборуваме за убави работи ако луѓето не можат да се снабдат со потребните намирници и да им останат пари?

Нашата главна улога е да ги кажуваме работите онакви какви што се, а не како што некој сака да ги слушне. Можеме да седнеме на преговарачка маса и да речеме: „Добро е, нема потреба да се зголемат платите, работниците се задоволни. Кажете што треба, ние ќе ја држиме работата под контрола и ќе ви бидеме бафер-зона“.

Патем, тоа беше побарано од нас пред две години, кога почнавме да бараме повисоки плати и да укажуваме дека состојбата е неодржлива. Предупредувавме дека, ако денес нема протест, за два месеца ќе има, затоа што луѓето нема да можат да го издржат притисокот.

Ако ги гледате луѓето на улица, тоа треба да ве трогне. Но, тие почнуваат да ги делат на наши, нивни, ваши. Од „наши“ и „нивни“ не се живее. Се живее од плата.

Рацин.мк: Зошто работниците во приватниот сектор треба синдикално да се организираат? Што добиваат со тоа?

Трендафилов: Работниците во приватниот сектор многу добро знаат што е синдикат, но кога ќе згусне.

Често го споредувам тоа со одењето на лекар. Не одите превентивно на преглед, да проверите дали нешто треба да подобрите и да спречите развој на одредена состојба. Така е и со синдикатот.

Во приватниот сектор, особено во големите компании, успеавме да организираме работници. Но, од околу 350.000 работници, некаде меѓу 30.000 и 40.000 се членови на синдикат. Често велиме дека само еден од десетмина се бори.

Во компаниите во кои има синдикално организирање работниците имаат повисок регрес за годишен одмор, јубилејни награди, новогодишен надоместок, повеќе денови годишен одмор според критериумите во колективните договори и други придобивки.

Луѓето велат: „Работодавачот не ни дозволува“. Но, не се прашуваат зошто не им дозволува. Затоа што со синдикат ќе обезбедат повеќе за себе и за своето семејство.

Се очекува ССМ да се избори и да потпише општ колективен договор што ќе се применува врз сите вработени во приватниот сектор. Целиот приватен сектор добива регрес за годишен одмор поради потпишан колективен договор од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Луѓето не го ценат тоа сè додека не го снема. Моментално намерата е да се укинат колективните договори и веројатно тогаш ќе сфатат колкава е придобивката од синдикалното членство.

Владата не се плаши од Слободан. Не се плаши ни од Сојузот на синдикатите на Македонија како име. Се плаши од 70.000 членови што ги обединува една идеја: повисоки плати, подобар животен стандард, подобри услови за работа и безбедност и здравје при работа.

Колку работници во приватниот сектор успеале сами да седнат со газдата и да испреговараат нешто? Ќе им честитам, но тоа е многу мал дел. Најчесто не можат да се договорат и чекаат некој друг да преговара во нивно име.

Ние имаме легитимитет и репрезентативност за да преговараме во името на сите работници. Ако еден од десетмина обезбедил толку, замислете што би можеле да обезбедат двајца или тројца од десетмина.

Свеста се подобрува. Луѓето веќе ги знаат своите права. И вие како медиуми помагате, а и ние како синдикати работиме на тоа. Но, недостига пополнувањето на пристапницата и одлуката: ајде сега заедно да се бориме.

Рацин.мк: Кои се конкретните чекори за работници што сакаат да формираат синдикат во својата компанија?

Трендафилов: Првиот чекор е наједноставен: кревате телефон и ми се јавувате мене или на некој од моите колеги во приватниот сектор. Може да нè контактирате и преку социјалните мрежи или со порака. Се обидувам да одговорам на сите.

Потоа доаѓаме на состанок и објаснуваме која е постапката. Потпишувате пристапница и избирате кој ќе ве претставува, односно кој ќе биде синдикален претставник. Тој ужива заштита пред работодавачот, затоа што треба да биде најгласен.

Бесплатната правна помош што ја обезбедуваме и можноста да се склучи колективен договор се огромна придобивка со која можете да ги заштитите колешките и колегите.

За почеток се потребни тројца. Но, ако во компанијата има 300 луѓе и сите чекаат 30 да се зачленат и да се борат, а другите 270 да ги уживаат истите придобивки без да бидат дел од синдикатот, тоа е нефер кон оние што се борат.

Имаме и случаи во кои со колективен договор сме обезбедиле повисоки плати и подобри права, а луѓето повторно одлучуваат да не се зачленат. Од денот кога ќе им се исплати повисоката плата, размислуваат дека им ја дал директорот, газдата, министерот или премиерот. Не дека за неа се избориле нивни колеги, малку похрабри од нив.

Сè уште постои размислувањето дека, ако газдата не ти даде, сам не можеш ништо. Но, околу 40.000 работници во приватниот сектор се членови на синдикатите и уживаат придобивки. Синдикат се формира и во компанија во која состојбата од почеток е лоша, па потоа се обидуваме да помогнеме таа да се подобри.

Рацин.мк: Работодавачите понекогаш се обидуваат со закани да го спречат организирањето. Како постапувате во такви случаи?

Трендафилов: Имало такви случаи, но тие немаат правен основ. Слободата на здружување ја штитат конвенциите, законите и Уставот.

Ќе ви кажам еден пример од пред неколку години, од мултинационална компанија. Наши синдикални претставници разговараа со работниците и пријавувавме неправилности. Со Државниот инспекторат за труд успеавме да ги отстраниме, а луѓето почнаа да го добиваат тоа што им следува според законот и општиот колективен договор.

Потоа побараа повеќе и нè повикаа на преговори. Но, кога разговаравме со нив, стравот им се гледаше во очите – сметаа дека прво треба да дозволи менаџерот.

Од раководството ни укажуваа дека имаат оддел за човечки ресурси, односно кадрово, и дека тој бил синдикатот за работниците, дека се грижел исклучиво за нивните интереси, а не за интересите на работодавачот.

Преку нашите синдикални врски стапивме во контакт со колегите во земјата од Европската Унија од која доаѓа инвеститорот. Таму компанијата има синдикат и работодавачот не им прави проблем на работниците да се организираат.

Дознавме дека не прави проблем ни тука да се формира синдикат. Во тој случај се откри дека странскиот работодавач давал пари за бонуси и зголемување на платите, а домашните менаџери и директори ги делеле меѓу себе.

Во разговорите со повеќе мултинационални компании увидовме дека домашните менаџери и домашните газди се тие што им прават штета на домашните работници. Веројатно добра е менаџерската плата од 5.000, 10.000 или 15.000 евра.

Важно е да зборуваме за приватниот сектор, за луѓето што се најголем дел од работниците во Македонија и ја движат економијата. Но, тие треба да разберат дека без синдикат тешко ќе одат.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?