На древно ѓубриште во Египет најдени траги од ритуал стар 3.400 години

египет ритуал клетва

Четириесет ситни, јагленосани парчиња папирус, пронајдени меѓу отпадот кај еден храм во древна Теба, открија траги од египетски ритуал стар околу 3.400 години. На дел од фрагментите има дупчиња од остар предмет и траги од оган. Тие се совпаѓаат со упатствата за ритуалот против Апофис, змијата на хаосот во египетската митологија.

Според митот, Апофис секоја ноќ се обидувал да го запре богот на сонцето Ра на неговиот пат низ подземниот свет. Во ритуалот, Египќаните ја цртале змијата, го пишувале нејзиното име со црвено мастило, а потоа го прободувале и палеле папирусот додека изговарале клетви. Со тоа симболично ја уништувале змијата за сонцето повторно да изгрее.

Фрагментите се најдени кај погребниот храм на фараонот Тутмос III. Според египтологот Фредрик Хаген, тие се најраниот физички доказ дека ритуалот се изведувал. Претходно, најпознатиот зачуван прирачник за ритуалот бил околу илјада години помлад од овие остатоци.

Ниту едно парче не е поголемо од половина поштенска марка. Сепак, повторувањето на цртежите и текстовите им дало на истражувачите причина да заклучат дека свештениците подготвувале повеќе примероци и дека ритуалот веројатно бил редовен дел од животот во храмот.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?