Досегашниот тек на пристапот на Северна Македонија кон Европската Унија покажува дека земјата е во историски момент на пресврт што може да ја одреди насоката на развојот за наредни децении. Од кандидатски статус од 2005 година, преку години на блокади и одложувања, до денешната формална можност да продолжи со преговорите, ова не е само административна работа, туку геополитички и стратешки избор со реални последици.
Европскиот парламент и Европската комисија веќе јасно нагласија дека усвојувањето на уставните измени е основниот предуслов што ја држи државата настрана од формалниот почеток на преговорите. Тој услов не е само административно барање, туку произлегува директно од Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година и од преговарачката рамка што ја усвои ЕУ и сите нејзини земји членки.
Временски притисок: зошто „до јуни“?
Европратеникот и известувач за Северна Македонија, Томас Вајц, презентирајќи ги клучните точки пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, истакна дека Владата на Северна Македонија порачала дека 2026 година е прогласена за „година на реформи“, без избори што би го одвлекле фокусот и дека има. За Вајц тоа е реална, но кратка можност да се покаже реформска волја за исполнување на домашните задачи за старт на преговорите. Ако се продолжи одолговлекувањето, процесот може да се одолговлечи значително, а европските фондови и вниманието на ЕУ може да се префрлат кон други земји, предупредува Вајц.
Јасно е дека усвојувањето на уставните измени не е само симболично барање, туку дел од уредувањето на правата на малцинствата и принципите на владеење на правото, како темелни вредности што ги бара Брисел. Тие измени се интегрална точка во преговарачката рамка, што значи дека без нив, формалниот почеток на преговорите останува блокиран.
Уставните измени остануваат и во било која хипотетички алтернативна варијанта
Уставните измени остануваат и во било која хипотетички алтернативна варијанта, како што е, на пример, теоријата што ја извади премиерот Мицкоски дека е можен прием на Македонија и на други земји од Западен Балкан, како членки без право на глас.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, ја „рокна“ оваа најава на Мицкоски. Тој децидно ги отфрли идеите за алтернативни форми на членство во ЕУ, како што е влезот без право на глас или вето. Оваа реакција уследи по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за можен „комбиниран формат“ на интеграција за Западен Балкан и Украина како дел од поширок мировен план. Рокас нагласи дека постојните договори на ЕУ не предвидуваат таква категорија и дека секоја промена би барала едногласност од сите земји-членки.
Истовремено, бугарската потпретседателка Илијана Јотова потврди дека се водат разговори со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за изнаоѓање решение, што укажува на интензивирана дипломатска активност зад сцената за деблокирање на македонскиот пат.
Но, и во секоја варијанта што досега се „вртат“ како опции, уставните изметни се секогаш услов.
Известувачот за Македонија, Томас Вајц, нагласувајќи дека има сериозен застој во пристапниот процес, посочува дека клучниот услов за продолжување на преговорите останува вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот. Уште повеќе, тоа Вајц го опишува како дел од европското законодавство, а не само како нешто што произлегува од преговарачката рамка.
Затоа е сега многу појасно што мислеше Мицкоски кога во интервју за ТВ Канал 5 на прашањето дали условите за членство во ЕУ без право на глас и на вето вклучуваат уставни измени, тој рече дека „претпоставува дека ќе биде така, бидејќи тоа го усвои претходната влада“.
Зошто ова прашање е повеќе од „правна формалност“?
Оттаму, според сите овие укажувања, уставните измени, кои предвидуваат инклузија на специфични етнички заедници и унапредување на концептите на самоопределување, се дел од формалните услови што земјата мора да ги исполни пред да започне со реалните поглавја од пристапните преговори. Тоа не е проширена желба на Брисел, туку се темели на веќе утврдени барања на Советот на ЕУ и на позицијата на Европскиот парламент.
Европските институции потенцираат дека преговорите може да започнат веднаш по исполнување на овие предуслови, што значи дека политичка одлука сега би можела да донесе значаен напредок со реални резултати во краток рок.
Северна Македонија стои на крстосница: Или ќе го искористи позитивниот момент, ќе ги усвои потребните уставни измени и ќе одблокира преговорите со ЕУ до јуни, или ќе ризикува ново долго одложување што ниту приближно нема да донесе исто ниво на придобивки од модерни правни стандарди до економски инвестиции и регионална стабилност.
Актуелната власт и премиерот Мицкоски треба да раберат дека ова не е само спор меѓу политичките партии, туку историска одлука со конкретни последици за животот на граѓаните. Вратата на Европската Унија одамна е отворена. Прашањето е дали Северна Македонија ќе има доволно реформска волја и политичка мудрост да ја помине.