Магдалена Чадиноска-Кузманоски, социјален ментор за прашањата за насилство врз жените во „Паблик”, во ова кусо интервју за Рацин.мк дијагностицира дека системските слабости и нефункционалноста на системот за превенција и заштита на жените направија насилството и убиството да се препознаваат како системски и препознаен образец на долгата низа трагични настани во Македонија.
Нејзиното непосредно искуство од работата со жените и семејствата жртви на насилтво ги прави нејзините анализи и констатации сведоштва и укажувања кои треба да се земат предвид во потрагата по терапија на болните институции и систем целосни отпорен на ризици.
Како изгледа е патот на жените и семејствата жртви на насилство низ системот и зошто имаме толку слабости? Која е слабата алка во институционалниот систе? Каде се кине?
На хартија, системот изгледа уреден. Во реалноста, жртвата минува низ лавиринт во кој институциите си ја префрлаат одговорноста.
Првиот чекор е пријава во полиција, односно во рамки на Министерство за внатрешни работи. Тука треба да се направи сериозна проценка на ризик и веднаш да се преземат заштитни мерки. Наместо тоа, многу пријави завршуваат како „поплаки“, без формално процесуирање. Со тоа, уште во старт се испраќа порака дека насилството не е итен безбедносен проблем.
Следната алка е Центар за социјална работа. Но центрите се преоптоварени, со недоволен број стручни лица и без ресурси за вистинска теренска работа. Наместо координирана интервенција, често имаме административно препраќање предмети.
Во судска фаза, итните мерки или доцнат или не се следи нивното прекршување. Насилникот добива порака дека системот е бавен и неефикасен. Жртвата добива порака дека е сама.
Врската најчесто се кине на самиот почеток – во моментот кога институцијата не ја препознава сериозноста на ризикот. А токму тука треба да започне заштитата.
Насилникот добива порака дека системот е бавен и неефикасен. Жртвата добива порака дека е сама.
Нели постојат протоколи, развиен систем за постапување во вакви ситуации? Зошто не се функционални?
Да, протоколи постојат. Закони постојат. Обврски постојат, вклучително и од Истанбулска конвенција.
Проблемот не е во недостиг на документи. Проблемот е во нивната примена.
Имаме формализам наместо заштита. Имаме формулари наместо проценка на животна опасност. Имаме состаноци наместо итна акција.
Кои се клучните слабости?
Да бидеме искрени – слабостите се системски:
– Недостаток на кадар – еден социјален работник води десетици случаи. Тоа не е заштита, тоа е преживување на системот.
– Минимизирање на насилството – сè уште се третира како „семејна расправија“, а не како сериозен ризик од фемицид.
– Недоволно засолништа и долгорочна поддршка – жените немаат каде да одат, ниту економска поддршка за да излезат од кругот на зависност.
Ние преку нашата програма Социјално менторство за работна интеграција се обидуваме да ги поддржиме жените да најдат соодветно вработување и тоа сериозно да влијае на квалитето на нивниот живот. Тука сведочиме на вистински жени борци кои така поддржани сепак излегуваат од кругот на насилство и никогаш не се враќаат назад.
Нема одговорност за институционален пропуст – кога институција не реагира, речиси никогаш нема последици.
Ова не се изолирани пропусти. Ова е образец.
Дали граѓанските организации укажувале?
Со години укажуваат. Со анализи, извештаи, препораки, јавни реакции. Секој трагичен случај е проследен со ветувања за „итни реформи“.
Но проблемот е што реакциите се ад-хок и медиумски. Нема континуирана политичка волја насилството врз жени и деца да биде врвен приоритет.
Сè додека системот реагира само по трагедија, ние ќе зборуваме за пропусти наместо за превенција.
Сè додека системот реагира само по трагедија, ние ќе зборуваме за пропусти наместо за превенција.
Дали имало иницијативи за промена?
Да, имало иницијативи за унапредување на протоколите и координацијата. Но измена на документ не значи промена на практика.
Без јасни рокови, задолжителна проценка на висок ризик, интеринституционална одговорност и санкции за непостапување – протоколите ќе останат на хартија.