Нафтениот шок од Блискиот Исток допрва ќе ја крева инфлацијата

Нафтениот шок од Блискиот Исток денеска повторно ја оттурна цената на нафтата нагоре и го отвори прашањето што следува за горивата, транспортот и цените на поширок пазар. Брент во еден момент се искачи до околу 119 долари за барел, што е највисоко ниво од 2022 година, откако пловидбата низ Ормутскиот Теснец речиси запре, а дел од производството во Заливот беше погодено од новите прекини.

Засега не е донесена одлука за пуштање стратешки резерви, иако таа можност веќе е на маса. Земјите членки на Меѓународната агенција за енергија располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели јавни итни резерви и уште 600 милиони барели индустриски залихи, но министрите од Г7 во оваа фаза се задржаа на ставот дека се потребни дополнителни анализи пред евентуален чекор кон интервенција.

Вистинскиот ризик не е само во скокот на цената, туку во тоа колку долго нафтата ќе остане над психолошката граница од 100 долари. На пазарите веќе расте стравот дека подолга воена ескалација може да отвори стагфлациски притисок, односно спој од повисока инфлација и послаб раст. Пресметките што се користат на финансиските пазари покажуваат дека секое подолготрајно поскапување на нафтата брзо се прелева врз транспортните трошоци, индустријата и крајните цени, додека ММФ проценува дека постојан раст на нафтата од 10 проценти може да намали дел од глобалниот економски раст.

Дополнителна неизвесност создава и можноста кризата да се продлабочи околу иранската извозна инфраструктура. Ако дојде до уште посериозен удар врз Карк, терминалот преку кој минува најголемиот дел од иранскиот извоз, притисокот врз понудата би станал уште поостар, а тоа би значело нов бран нервоза на берзите и уште поскап енергетски и инфлаторен удар за светската економија.

Зачлени се на нашиот е-билтен