Наместо како што се очекуваше до крајот на 2027 година, новиот граничен премин помеѓу Лемос во Грција и Маркова Нога во Северна Македонија, во Преспа, ќе биде оперативен во 2028 година.
Иако кога беше официјално објавен од двете страни во февруари минатата, 2025 година, беше сопштено дека проектот има тригодишна временска рамка, некои изјави сугерираа дека може да биде пуштен во употреба до крајот на 2027 година.
Сепак, во изјава за СДК.мк, повикувајќи се на објава на Општина Преспа во Грција, градежните работи и уредување на околината на граничната станица Лемос допрва ќе почне да се гради, а овој рок е 24 месеци што значи дека треба да биде завршен до април 2028 година.
„Проектот се однесува на изградбата на потребната инфраструктура за беспрекорно работење на полициска и царинска контрола на граничниот премин. Градбите вклучуваат осум контролни пунктови (шалтери), централна двокатна зграда, каде во приземје ќе бидат сместени услугите за контрола, додека на катот ќе бидат уредени простории, потоа уште една зграда и паркинг за возила“, се вели во објавата на грчката Општина Преспа.
Од македонската страна досега е изградено околу 60 отсто од граничниот премин Маркова Нога.
Проектот, познат како BorPres2, е стратешка иницијатива финансирана од ЕУ за подобрување на поврзаноста во регионот Преспа, со што времето на патување помеѓу Лаимос и Ресен се намалува од над 2 часа на приближно 40 минути.
Според Интеррег, кој е кофинансиран од ЕУ, BorPres2 е операција од стратешко значење со вкупен буџет од 7,5 милиони евра и временска рамка од 36 месеци. Вклучува изградба на царинска и полициска станица во Грција, надградба на објектите и опремата на постојната полициска станица во Северна Македонија и создавање и промоција на прекугранична пешачка патека што ќе ги поврзува Агиос Германос со Брајчино.