Комеморативната седница во Собранието по повод годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе, наместо достоинствено сеќавање за многу семејства се претвори во уште едно болно потсетување на институционалната дистанца кон нивната трагедија.
Седницата помина со протоколарни говори и минута молк, но без да бидат спомнати имињата на загинатите. Токму тоа предизвика силна реакција кај родителите, кои велат дека атмосферата била „претерано формална и стерилна“ за трагедија од такви размери.
Наместо утеха, комеморацијата предизвика разочарување и револт. Тие оценија дека атмосферата во законодавниот дом била претерано формална и „стерилна“, недостојна за трагедијата што ја потресе државата.
„Барем имињата на загинатите деца да им ги споменеа. 63 деца загинаа заради негрижата на институциите“, изјавија родителите по седницата, нагласувајќи дека очекувале повеќе човечност, а помалку протокол.
И навистина, каква е таа комеморација без имиња? 63 секунди се потребни за да се прочитаат 63 имиња.
Затоа за семејствата, комеморацијата изгледала како уште една службена обврска на институциите, а не како искрен чин на почит кон младите животи кои згаснаа во пожарот во кочанската дискотека. Тие велат дека во вакви моменти формализмот не може да ја замени човечката солидарност и вистинската емпатија.
Трагедијата во „Пулс“ останува една од најтешките во поновата историја на државата. Но една година подоцна, болката на семејствата не е намалена. Напротив, велат дека секој ваков настан што изгледа како „службена процедура“ ја продлабочува недовербата кон институциите.
Родителите повторуваат дека освен правда и одговорност, бараат и нешто што не може да се запише во судски пресуди – достоинствено и човечко сеќавање на нивните деца.