Доколку самиот Милановиќ верува дека има живот надвор од ЕУ, еве мој предлог до него. Нека започне политичка платформа „Cro-exit“ и нека излезе на наредните избори со политичка платформа и идеја Хрватска да ја напушти ЕУ.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Милановиќ вчера не ни пренесе да се откажеме од ЕУ, туку да се откажеме од одговорност кон нашите граѓани. Искрено, сум бил во прилика повеќе пати да седам на иста маса со хрватскиот претседател и никогаш во тој мал круг не се изјаснил како евроскептик. Напротив.
Имам разбирање, сепак, кога популизмот зборува, не барај логика, барај гласачи и да те сакаат „сите“. Вчерашната изјава на хрватскиот претседател Милановиќ е нешто во кое ни тој самиот не верува. Повеќе е речник со кој се служат „лајф коучови“ кога пренесуваат пораки „не верувајте дека парите се сè во животот“.
Сè што треба да направите кога ќе слушнете вакви изјави е наредниот ден или утро да отидете пред Клиничкиот центар на Водњанска во Скопје и да ги набљудувате луѓето кои влегуваат, излегуваат, се борат, плачат или се радуваат на денот. Ако не почуствувате дека сме обесчовечени до дно тогаш не ви треба ништо повеќе.
Доколку сепак, еве да речеме грешам, и доколку самиот Милановиќ верува во своите зборови, еве мој предлог до него. Нека започне политичка платформа „Cro-exit“ и нека излезе на наредните избори со политичка платформа и идеја Хрватска да ја напушти ЕУ. Јавно ветувам дека ќе му подготвам професионална бренд-кампања на силна по негов избор крајно лева или крајно десна комуникациска основа (исто му е) со која ќе го расплачам дека не бил креативен дури и Најџел Фараж.
Интересно е како „одлично“ поминува неодговорноста и леснотијата да кажеш „има живот надвор од Унијата“. Се разбира дека има! Прашањето е каков живот. Многу е потешко да објасниш како изгледа тој живот кога си веќе внатре. И кога од таа внатрешност црпиш стабилност, пазар, фондови, стандарди.
Хрватска не влезе во ЕУ за да докажува дека може без неа. Денес има пристап до европски фондови, слободен пазар, инвестиции и заштита на сопствениот интерес преку заеднички механизми. Тоа не е „фикција“. Тоа е структура. И економска и политичка.
Да зборуваш за „лицитација“ од позиција на држава што веќе ги користи придобивките од членството е лесно. Да го водиш процесот до таму не е. Македонија не е во позиција на коментатор. Таа е во процес. И процесот, по дефиниција, не е комфорен.
Да, има условувања. Да, има двојни стандарди. Но тезата не е дали има живот надвор од ЕУ. Тезата е каков е тој живот. Дали е системски или импровизиран. Дали е предвидлив или политички зависен. Дали институциите работат или се заменуваат со изјави.
Популизмот нуди кратки одговори за сложени прашања. „Самите одлучете“. Го гледаме на дело популизмот овие денови низ цените на нафтата, и низ големите маркети.
Надвор од ЕУ, неспорно е дека може да функционира една држава. Прашањето е квалитетот на таа држава.
За Македонија ќе одлучува Македонија! А, нас ни треба јасен модел. За функционални институции. За економија што не зависи од волјата на поединци. За демократија што не е декларативна. За систем што е во интерес на сите граѓани.
Благодарам, Милановиќ, на нас не ни треба утеха и политика на ниски очекувања.