Угледниот сингапурски СТРЕЈТСТАЈМС по повод настапите на нашиот пијанист од светски глас со Сингапурскиот симфониски оркестар пишува дека пијанистот Симон Трпчески е прогласен за „најдоброто нешто што произлегло од Македонија по Александар Велики“. Во пролжение на својата поента, критичарот Џефри Лим поентира: „Иако Трпчески никогаш не ја нападнал Персија, тој со својот сонародник Македонец споделува едноставна смелост и талент за совладување тешки пречки, што се докажува со неговата свежа, атлетска изведба на Вториот концерт за пијано од Рахманинов со добро „подмачканиот“ Сингапурски симфониски оркестар под инспирираниот диригент Елијаху Инбал.“
Лим во продолжение на својата рецензија оценува: „Ова беше изведба на динамичност, умешност и медитеранска директност, а не хипнотичка концентрација како таа на Свјатослав Рихтер или патрициска елоквенција како кај Гарик Олсон (кој го свиреше делото со овој оркестар во многу поинаква интерпретација пред две години). Трпчески е природен шоумен кој уживаше во незгодните пасажи со елан на магионичар кој вади зајак од шапка. Надворешните движења беа изведувани со возбудливо темпо, со одличен ефект во пофренетичните моменти како што е влезот на пијаното што се протега со тастатурата во последниот став.
Имаше неколку немирни моменти во првиот став, при што виткиот, чист звук на Трпчески понекогаш не успеваше соодветно да се проектира врз оркестарот. Исто така, се пропушти невротичната болка во срцето на делото, особено во вториот став, чии долго извиткани мелодии честопати се чувствуваа декламаторски, а не исповеднички. Ова не беше потпомогнато од Инбал и тенденцијата на Оркестарот да вметнуваат паузи кои се чинеа малку премногу долги помеѓу секој такт од главната тема.
Сепак, тоа беше брилијантна, енергична изведба која заслужи стоечки овации.
Двата биса на Трпчески беа исклучителни. Последниот став од 7-та соната на Прокофјев беше изведен со техника што Ви ја остава устата подотворена, во духот на целиот неврамнотежен автоматизам на производствената лента во „Модерните времиња“ на Чаплин.
Вториот беше изведба на „Вокализ“ од Рахманинов во која Трпчески го придружуваше гостинскиот концерт-мајстор Дејвид Кушерон. На неа и’ претходеа неколку привлечни забелешки за љубовта на Трпчески кон Сингапур и моќта на музиката да создава мир во услови на светски немир и беше исто толку неочекуван колку што беше трогателен.“ – пишува критичарот на сингапурски СТРЕЈТСТАЈМС.
Како што информира КултурОп, во продолжение на сезоната, Трпчески го очекуваат и настапи во Соединетите американски држави, Канада, Малта,…