На 22 април, на големата сцена во МНТ премиерно ќе биде изведена претставата „Страв и надеж” од Франц Ксавер Крец, најпознатиот и најизведуваниот жив германски драмски автор, чија комплексност се мери со делата на Бертолт Брехт. Претставата ја потпишува наградуваната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат, препознатлива по бескомпромисен и форензички точен театарски јазик.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
„На покана на МНТ, српската и меѓународно признаена режисерка Татјана Мандиќ Ригонат, конечно режира на нашата сцена со нашиот актерски ансамбл. Нејзиниот професионален багаж е огромен и таа е една од најтрофејните режисерки на овие простори. Нејзиното доаѓање е дел од нашата јасна програмска определба да соработуваме со врвни автори од регионот и пошироко, чиј уметнички интегритет носи нова енергија во репертоарот. Нејзината работа се одликува со психолошка прецизност и храброст да отвора суштински општествени и човечки прашања. Текстот на Крец, по кој е работена претставата, преку мозаик од сцени ја разоткрива суровоста на современото општество и егзистенцијалните притисоци врз поединецот. Ова е драмски материјал што директно зборува за стравот, несигурноста и губењето на достоинството во денешното време. Во таа смисла, „Страв и надеж” е проект што не нуди лесни одговори, туку отвора суштински прашања за човекот денес. Верувам дека оваа соработка претставува значаен уметнички исчекор за Македонскиот народен театар.“, вели директорот на МНТ, Никола Кимовски во пресрет на премиерата на „Страв и надеж”.
„Страв и надеж” е драмска партитура составена од сцени, кои варираат околу една централна состојба: современиот човек турнат до работ на егзистенцијата. Ликовите живеат под притисок на невработеност, страв од губење работа, чувство на пониска вредност и постојана несигурност. Интимните односи стануваат простор, каде што се прелева целата фрустрација, а човечкото достоинство директно се соочува со суровите механизми на современиот капиталистички систем.
„Со извонредна актерска поделба и соработници и во услови на исклучително театарско гостопримство, во МНТ имам можност да ја режирам драмата „Страв и надеж” од Франц Ксавер Крец.”, вели режисерката Ригонат.
Авторот е најпознатиот и најизведуваниот жив драмски писател од германското говорно подрачје, заедно со нобеловците Елфриде Јелинек и Петер Хандке. Популарноста на неговите дела може да се мери единствено со делата на Б. Брехт. Крец е комплексна уметничка личност. Тој е драмски писател, поет, прозаист, режисер и актер. Ги обележа седумдесеттите и осумдесеттите години од дваесеттиот век во театарот. Тогаш неговите дела беа изведувани во 40–50 театри истовремено во Германија, Европа и ширум светот. За него и за неговото творештво се напишани бројни студии и книги, и тој денес е жив театарски класик, добитник на многу книжевни и театарски признанија.
„Драмата „Страв и надеж” е врв на неговото драмско творештво. Напишана е во 1984 година. Нејзиниот наслов би можел да биде „Страв и надеж во Европа, на Балканот и во светот – денес!”. Темата на драмата, ситуациите во кои се наоѓаат ликовите, прашањата и проблемите со кои егзистенцијално се соочуваат, деструктивните сили кои го водат човештвото во пропаст, не останаа во 20 век, не се разрешени или минати, туку напротив, во 21 век се уште поизразени. Затоа и претставата временски се сместува во сегашноста, а не во осумдесеттите години од минатиот век, не во времето кога почнува да се развива неолибералниот модел, туку во денешниот момент, кога неговите нехумани и разорни последици јасно се чувствуваат и се гледаат. Насловот на драмата упатува на драмата на Б. Брехт, „Страв и беда на Третиот Рајх”. Главно преку машко-женските односи, драмата ги изразува идентитетските фрустрации на мажите и жените од различни генерации и општествени статуси, нивните кризи поради невработеност, отказ, сиромаштија, неправда, осаменост, болест, смрт, војна, како и разорната поврзаност меѓу интимноста и немилосрдното капиталистичко кршење на човечкото достоинство. Претставата поставува прашање каде сме се упатиле, каде оди овој свет и ние во него, како да се преживее животот“, додава Ригонат.
Крец пишува за емоции, психолошки состојби и парадокси, таму каде што реалното и надреалното се допираат, а човекот се распаѓа тивко, одвнатре. Со прецизен, на моменти суров, но и духовит и ироничен јазик, Ригонат создава дело кое е психолошки и социолошки портрет и на современиот човек.
Прашањата со кои се занимава ова дело се директни и неизбежни: Како да се живее – или само да се преживее? Каде завршува животот, а започнува преживувањето? Каде завршува самопочитта кога егзистенцијата станува неизвесна? Што се случува со односите, кога улогите се распаѓаат – кога едниот губи, а другиот носи товар? Дали достоинството е избор или луксуз?
Невработеноста, миграциите, војните го моделираат секој однос, секоја мисла, секое тело. Кај Крец, системот не е апстракција – тој влегува во интимата.
Консумеризмот и неолибералната динамика не се идеологија, туку секојдневна ерозија на човекот. Но ова не е театар на пароли. Ова е театар на внатрешни пукнатини.
Адаптацијата и режијата се на Татјана Мандиќ Ригонат. Преводот го направи Александар Русјаков. Сценографијата е на Весна Поповиќ, костимите се на : Роза Трајческа. Композитор е Ирена Поповиќ Драговиќ. Видео дизајнот е на Јелена Тврдишиќ, извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен, инспициент: Вукица Александрова и
суфлер е Миро Атанасовски.