Преспанскиот договор е многу важен настан во историјата на Македонија, чие што значење според мене ќе се зголемува со секоја нова година, со секоја нова деценија, бидејќи реши еден конфликт кој траеше три децении и којшто дури стана и светски познат конфликт.
Ова го истакнува во изјава за Рацин.мк Соња Крамарска, новинарка од кариера, којашто заедно со Душко Арсовски, се автори на документарниот филм „Договор со историјата“, посветен на Преспанскиот договор.
Ја прашавме зошто е избран насловот „Договор со историјата“?
„Сметавме дека тоа име е најсоодветно за тоа што одбележа крај на една ера на конфликт со соседна држава, крај на една ера на блокади на Македонија на надворешнополитички план и затоа што покажа дека дипломатијата некогаш може да биде посилна отколку, да речеме, оружјето и непријателствата помеѓу две држави“, ни одговори Крамарска.
Ќе се изучува на факултети
Крамарска е задоволна затоа што успеале во филмот да ги донесат сите протагонисти на Преспанскиот договор, сите аналитичари во тоа време, сите луѓе кои што се на некој начин го следеле спорот уште од почеток.
„Мислам дека спакувавме еден многу убав документ којшто ќе остане и на идните генерации, затоа што сум убедена дека овој договор ќе биде понатаму изучуван и на факултети за политика, можеби ќе биде прикажуван“, се очекувањата на Крамарска.
Предавници и патриоти
И навистина, вредноста на овој документарен запис се учеството и исказите на главните актери на Преспанскиот договор. Од денешна временска дистанца, ослободени од притисокот на политичките реакции за кои не може да се каже им беа наклонети, тие ја опишуваат драмата којашто се случувала за време на средбите и преговорите, како и соочувањата со политичките ризици и гнев што ги следеле на патот до решението.
Еден од клучните фактори што го приближи процесот до решение, во филмот го кажува Метју Нимиц, американскиот дипломат и посредник на ОН во преговорите.
Тој посочува дека 2018 година беше вистинскиот временски термин за одлучувачки исчекор. По смената на Владите во двете земји, кога конзервативците и националистите ги изгубија изборите, на власт во Атина и Скопје дојдоа умерените социјалисти Алексис Ципрас и Зоран Заев. Во 2018 година немаше избори во двете земји и таа комбинација создаде „портал“ за конечно ставање крај на тридеценискиот спор.
Третиот фактор којшто беше исто така одлучувачки, беше подготвеноста и на Заев и на Ципрас да го прифатат ризикот дека постигнувањето на договор, наспроти жестокиот отпор на националистите во двете земји, ќе значи крај за нивните кариери.
Во филмот „Договор со историјата“ и Заев и Ципрас откриваат дека биле свесни и разговарале за тоа уште на нивната прва средба во Давос во јануари, 2018 година, и дека и двајцта се согласиле дека го прифаќаат тој ризик, во име на решение прифатливо за двете страни.
Следуваа неколку месеци интензивни контакти на повеќе нивоа, откако двајцата премиери се согласија да ги надминуваат разликите, но тие не биле, како што сведочат двајцата во филмот, толку лесни и едноставни. Во неколку наврати се наоѓале во ситуација кога се наоѓеле во слепа улица од која нема излез, па дури помислувале и да ги прекинат обидите.
Сепак, откако биле решени и прифатени, централните точки за заштитата на македонскиот идентитет и јазик и компромисот за името „ерга омнес“, на крајот од тунелот се појавиле светлина која го осветлила патот до решението со сите останати деталји кои требаше да се дорешат.
И Заев и Ципрас раскажуваат за гневот со кој се соочија во двете земји, но Рубикон беше преминат и немаше враќање назад.

Лидерство што инспирира
Лидерството на Зоран Заев и Алексис Ципрас беше пресудно да се постигне Преспанскиот договор, вели американскиот дипломат и посредник во македонско-грчките преговори Метју Нимиц во документарниот филм „Договор со историјата“, што промотивно беше прикажан во Скопје.
Тоа на свој начин го потврдува и поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески, којшто во филмот евоцира дека лидерството и преземањето одговорност недостигало кај претходните протагонисти во спорот со Грција.
Киро Глигоров, сведочи Малески, одби да го прифати предлогот Република Македонија (Скопје), а Никола Груевски, откако Грција стави вето на приемот на Македонија во НАТО во 2008 година во Букурешт, го создаде проектот Скопје 2014 и ја антиквизираше земјата на запрепастување на меѓународната јавност. Следуваше изолација на Македонија, сѐ до 2016 година, кога Груевски мораше да отстапи пред притисокот на јавноста и на новиот бран на опозицијата во земјата којашто ги навести промените.
Во филмот „Договор со историјата“, говорат и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, којшто тргна во промоција на нашата земја во северно-атлантската алијанса, НАТО, за да ги заврши последните подготовки за членството.
Во Скопје, премиерот Заев влезе во мисија да ги убеди пратениците на опозицијата дека со Преспанскиот договор се заштитени македонскиот јазик и идентитет и да ги повика да не го осптруираат референдумот за промена на името.
Референдумот, не успеа, но остана резервниот план за уставните промени да се гласа во Собранието и за тој процес во филмот говори Нола Исмајлоска Старова, која беше една од осумтемина пратеници на оваа партија коишто гласаа за Преспанскиот договор.

Актери и/или посматрачи
Во филмот говорат и Марјан Забрчанец, тогаш национален координатор за комуникации во Владата и Евенгелос Калпадакис, од кабинетот на Ципрас, кои зборуваат што сѐ беше потребно за да се организира церемонијата на потпишување на Преспанскиот договор, кој што беше договорен да се одржи на територии на двете земји во Преспа како и новинарките Слободанка Јовановска од Независен.мк и Каки Бали, дописничка на Дојче Веле од Атина.
Како што вели во изјавата за Рацин.мк Соња Крамарска, жали што поканата да учествуваат во филмот не ја прифатија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Очигледно, останува впечатокот кога ќе го изгледате филмот „Договор со историјата“, тие избраа да останат надвор од овој дел од историјата и да бидат само посматрачи, а не актери во овој значаен дел од македонската приказна која обезбеди сигурна иднина за државата и нејзините граѓани.