Нимиц: Лидерството на Заев и Ципрас беше пресудно да се постигне Преспанскиот договор

Преспанскиот

Лидерството на Зоран Заев и Алексис Ципрас беше пресудно да се постигне Преспанскиот договор, вели американскиот дипломат и посредник во македонско-грчките преговори Метју Нимиц во документарниот филм „Договор со историјата“, што промотивно беше прикажан во Скопје.

Во изјава за Рацин.мк, Соња Крамарска, една од авторите на филмот, заедно со Душко Арсовски, вели дека мотивацијата да се направи овој филмски документ е затоа што  Преспанскиот договор е многу важен настан во историјата на Македонија.

„Неговото значење, според мене, ќе се зголемува со секоја нова година, со секоја нова деценија, бидејќи реши еден конфликт кој траеше три децении и којшто дури стана и светски познат конфликт. Преспанскиот договор стави крај на една, на една ера на конфликт со соседна држава на надворешнополитички план и покажа дека дипломатијата некогаш може да биде посилна отколку да речеме оружјето и непријателствата помеѓу две држави“, рече Крамарска.

Таа изрази задоволство што успеале во филмот да ги донесат сите протагонисти на Преспанскиот договор, сите аналитичари во тоа време, сите луѓе кои што се на некој начин го следеле спорот уште од почеток.

„Мислам дека спакувавме еден многу убав документ којшто ќе остане и на идните генерации, затоа што сум убедена дека овој договор ќе, ќе биде понатаму изучуван и на факултети за политика, можеби ќе биде прикажуван и така натаму“, смета Соња Крамарска.

Во филмот на Крамарска и Арсовски се архивирани сеќавањата и коментарите на двајцата премиери во тоа време Зоран Заев и Алексис Ципрас, на министрите за надворешни работи Никола Димитров, кој е потписник на договорот, како и Денко Малески и Бујар Османи кои во различни фази имале свокј придонес во потрагата по решение за спорот со Грција.

Во филмот говорат и Марјан Забрчанец, тогаш национален координатор за комуникации во Владата и Евенгелос Калпадакис, од кабинетот на Ципрас, како и новинарките Слободанка Јовановска од Независен.мк и Каки Бали, дописничка на Дојче Веле од Атина.

Поканата да учествуваат во филмот ја одбиле Христијан Мицкоски, Тимчо Муцунски и Никос Коѕијас.

Документарниот филм „Договор со историјата“ е проект на Здружението Диверзити Медиа, финансиран со грант од Амбасадата на САД доделен во 2024.

Зачлени се на нашиот е-билтен