Сѐ повеќе ќепенци на занаетчиски дуќани во Битола

Битола

Некогаш симбол на еснафска моќ, труд и градскиот живот, Старата чаршија во Битола полека останува без занаетчии, без млади што би го наследиле занаетот и без доволно силни локални мерки што би можеле да го запрат нивното тивко исчезнување.

Автори: Мимоза Богданоска-Јовановска* и Марјан Танушевски**

„Дуќанот се издава“ или „дуќанот се продава“ е натпис што стои на речиси секој трет објект во Старата битолска чаршија. Занаетчиите се соочуваат со високи кирии за дуќаните, зголемен е персоналниот данок, а најнов и актуелен проблем е висината на минималната плата.

Во разговор со битолчани често може да се слушне дека тешко се доаѓа до мајстор или до занаетчија што би можал да дојде дома за брза интервенција, за поправка на чешма, скршен прозорец или да стави плочки во бањата.

„Прво не можеш да ги најдеш, нема некое место за информации, треба помош од пријатели или од лица што се соочиле со сличен проблем. Второ, ако најдеш мајстор или занаетчија, треба да чекаш со денови за услуга затоа што и тој што ќе го најдеш, треба време да дојдеш на ред, бидејќи мајсторот не може да постигне од работа. Малку занаетчии останаа“, вели еден повозрасен битолчанец.

Во златната епоха на занаетчиството во Битола на почетокот на 19 век имало повеќе од илјада занаетчии, а денес нивниот број е драстично намален. Низ битолските улици можете да видите дуќани чии ќепенци во најголем дел се под катанец, за’рѓани, со по купче зафрлени сметки, стуткани и долго време неплатени. Најверојатно затоа што сопствениците одамна го затвориле дуќанот и се отселиле во белиот свет.

Последниот саатчија

Помеѓу овие затворени дуќани сè уште отчукуваат часовниците на Александар Анастасов. Тој е единствениот професионален саатчија во Битолската чаршија, која во минатото била надалеку прочуена по овој занает.

Занаетот го научил од својот татко Миле, а тој од стрико му Иљо. Приказната почнала уште во 70-тите години од минатиот век, кога татко му, на само 19 години, отворил сопствен дуќан во Чаршијата. Малиот Александар уште од петгодишна возраст со љубопитност го следел секое движење на вештите саатчиски раце на својот татко и го впивал звукот на механизмите на часовниците. Како тинејџер, додека другите летниот распуст го минувале во игра, тој го поминувал „на дуќан“, учејќи како се отвора, се чисти и оживува еден часовник.

Алаксандар Анастасов, саатчија од Битола

„Звукот на саатот е речиси еднаков на ритамот на срцето, па затоа лесно се заспива кога покрај вас има механички часовник“, се присетува Анастасов.

Кога дошло време да донесе одлука што ќе работи, одлучил да продолжи со занаетот што го научил од татка си.

„Мислам дека тоа е најдобрата работа, најдобрата одлука што ја донесов во животот поврзана со мојата професија. Останав во занаетот со пораката од татко ми: ‘Синко, занаетот нема да те збогати, но никогаш нема да те остави гладен!’“, се потсетува Анастасов.

Тој денес има 48 години. Три децении работи како самостоен саатчија. Уште ја има онаа возбуда и страст за занаетот како на времето кога бил дете. За него поправката на часовник не е рутинска работа, туку воспоставување прецизна дијагноза – како лекар.

„Зошто како кај лекар? Затоа што саатите се како човечкиот организам. Секој саат различно работи во лето или во зима, исто како организмот на човекот. За саатот идеални услови за работа се температури од 21 степен Целзиусов, затоа што тогаш нема негативно влијание врз механизмот на саатот“, вели Анастасов.

Има колекција од, како што вели, „мали, но многу големи часовници“, стари повеќе од 100 години. Со гордост ни го покажува часовникот „Омега“ од швајцарско производство и американските „Хамилтон“ и „Илиноис“ за кои вели дека се непроценливо богатство.

„Тоа што овие часовници првпат ги споделувам со јавноста е знак дека јас сакам да споделувам несебично, така како што правел татко ми и така како што прави еснафот. Не штедев при откупувањето на големиот ѕиден часовник, тежок повеќе од 50 килограми, кој едвај го поставив на ѕидот. Тоа е еден германски часовник стар 80 години, потоа 130 години стариот француски саат, а имам и други. Швајцарски, исто така стари до 100 години, изработени од висококвалитетно дрво и со механизам во одлична кондиција. Сите работат и точно го мерат времето! Патем, овие големи часовници ги имало и ги има во аристократските куќи, во домашните салони како задолжителен сегмент во имотните, богатите фамилии. Поставувани на видливо место, до саатот секогаш имало старо огледало, закачалки за облека и место за чадор како неизбежен детаљ. Огледалото може и да оксидира, но саатот се држи“, вели Анастасов.

Часовници постари од 100 години

Во Битола во 19 век имало професионални саатчии, кои не се занимавале само со поправка на расипаните часовници, туку и со продажба на нови. Во тоа време часовниците не биле нарекувани по фабриката каде што се произведувале, туку по местото од каде што се купувале. Во тоа време познати се битолските часовници, кои се продавале дури во Сараево, забележале хроничарите на градот. И, ако бројот на саатчии во тоа време бил непознат, денес се знае дека во Битола има само еден професионален саатчија.

„На времето имаше еснаф, сега не е така. Старите занаети ги снема, во некои дуќани се отвораат некои други дејности… ситуацијата не е добра. Младите не сакаат занает, сакаат брзи пари, брза заработувачка. Нема места каде што може да се пренесуваат знаења и затоа сѐ се одвива врз принципот од колено на колено во семејството. Јас нашиот занает им го пренесувам и на моите две ќерки, но како ќе се развива таа љубов, од денешен аспект не може да се каже. Ако во 80-тите години на 20 век во Битола имало 20 саатчии, кога почнав, имаше десетина, а сега останав само јас“, заклучува Анастасов.

Од еснафска сила до Чаршија без мајстори

Во близина на дуќанот на саатчијата Анастасов се наоѓа седиштето на Регионалната занаетчиска комора. Во неа се регистрирани 300 членови од Битола. 54 занаетчии има во Демир Хисар, 12 во Могила и само 4 во Новаци. Во моментов, во Старата битолска чаршија има приближно 700 објекти во 30 улици, дуќани чии ќепенци во најголем дел се затворени, под катанец, за’рѓани, со по купче зафрлени сметки, стуткани и долго време неплатени, најверојатно затоа што сопствениците одамна го затвориле дуќанот и се отселиле во белиот свет.

„За разлика од порано, денес има многу помалку занаетчии и, за жал, бројот постојано се намалува. Порано имало и повеќе и поразновидни занаети, а денес многу занаети се водат само на хартија, иако тие реално и не постојат“, вели за „Локал Актив Пелагонија“ Наташа Костадиноски, администраторка во домот на занаетчиите.

Од Комората велат дека денес најзастапени занаети се фризери, бербери, автомеханичари и козметичари, додека со жалење истакнуваат дека има сè помалку саатчии, чевлари, клучари, стаклари и мајстори за електроника.

Костадиноски објаснува дека за регистрација во Комората како занаетчија, потребен е доказ за стручно образование, сертификат, диплома за дејноста што ќе ја работи занаетчијата, а тој доказ се стекнува со обуки кај други занаетчии, во верифицирани школи, кај сертифицирани обучувачи и центри за образование на возрасни или преквалификација.

Стојан Трифуновски (55) од Битола предлага да се востанови нов начин на брзо информирање на граѓаните што имаат потреба од занаетчиска услуга.

„За активностите на занаетчиите често се информиравме од нивниот весник ‘Занаетчија‘, кој, за жал, веќе не се печати. Во весникот можеше да се прочита за активностите на занаетчиската комора, за возрасни но и за млади занаетчии, за нови дуќани во улицата на ѕвончарите, улицата на бојаџиите, на лимарите… Преку весникот полесно се доаѓаше до контакт со Комората, а преку неа и до некоја брза услуга. Мислам дека време е со поддршка на Општина Битола, во градот да се воведе некој единствен телефонски број на кој ќе може да добиваме информација како најбрзо да се дојде до водоинсталатер, електричар, стаклар, заварувач, плочкар… Сега мајстор бараме преку пријатели или со препорака, а за тоа е потребно многу време. За жал, со чекање на услугата, штетата може да биде уште поголема“, вели Трифуновски.

Весникот „Занаетчија“ на Регионална занаетчиска комора Битола

Златната епоха на еснафското занаетчиство во Битола е регистрирана во почетокот на 19 век, кога тоа го доживува најголемиот расцут и развиток во историјата на градот. Според Милош Хр. Константинов, автор на книгата „Занаети и еснафи во Битола и околијата“, битолското занаетчиство стана најсилна врска не само со стопанството на Запад, туку и со воневропските делови на Отоманската Империја. Само едно вака развиено занаетчиство во Битола можело во 1862 година да се појави на светската занаетчиска изложба во Лондон.

„Занаети и еснафи во Битола и околијата“ од Милош Хр. Константинов

Натамошната потврда за вонредната развиеност на занаетчиството претставува сочуваниот список на обврзниците од данокот „интисап“, што се плаќал според приходот на мајсторите, во 1827 година. Во него се спомнуваат 97 шивачи на стара облека, 77 папуџии и крпачи, 65 кебеџии, 60 терзии, 44 менаџии, 41 опинчар, 40 сарачи, 35 симитчии, 31 бербер и хирург, 30 воденичари, 29 изработувачи на ѓерѓефи, по 28 кујунџии и железари, по 27 катранџии и калајџии, по 23 тутунџии и налбати, 20 бојаџии, 14 ножари, 12 шапкари, по 10 кондураџии и бозаџии, 5 грнчари, саатчии и кантарџии, по 2 свеќари и клинчари и по еден толчач на кафе, печатар на ткаеници и чорапчија.

Бидејќи во овој список недостасуваат десетици занаетчии, сепак само споменатите над илјада занаетчии, вкупно 1.093, се достатно голем број што зборува дека во тоа време бил започнат еден релативно брз развиток на занаетчиството во градот, забележал Константинов.

Мерки постојат, но како да не стигнуваат до Чаршијата

Во недостиг на локални мерки, битолските занаетчии на дофат ги имаат националните програми како што е Националната развојна стратегија 2024 – 2044, долгорочен стратегиски документ, со утврдени приоритети во интерес на општеството и на државата. Поддршка доаѓа и од Министерството за економија и труд, кое обезбедува субвенции за занаетчии.

Минатата година беше објавен повик што се однесува само на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање на 40 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 120 илјади денари по барател, направени за набавка на нови машини и/или алати и дизајн на нов производ.

Локалната поддршка за занаетчиите може да се подобри и со користење позитивни примери во државата, како што се прави во Град Скопје или во општините Охрид и Куманово. Занаетчиската комора на Град Скопје минатата година утврди Стратегија за негување и развој на занаетчиство, дефицитарни занаети и занаети во изумирање на Град Скопје за периодот од 2025 до 2028 година. Во документот меѓу другото се посочува дека занаетчиството во современиот економски контекст се соочува со многубројни предизвици и можности и како значаен дел од локалната економија, нивната улога денес се трансформира под влијание на модернизацијата, глобализацијата и дигитализацијата. Според авторите на Стратегијата, занаетчиите вработуваат дел од локалното население, каде што нивните услуги и производи се незаменливи. Многу од занаетчиите работат во сектори какви што се производство на ракотворби (плетење, ткаење, резбарство, грнчарство и сл.), поправка на обувки и часовници, изработка на накит, ковачки и други метални занаети, кројачки и шивачки услуги. Во многу случаи, овие занаети се семејни бизниси што се пренесуваат од генерација на генерација, одржувајќи го културниот идентитет на заедниците.

Може да се користат и примерите од Охрид или од Куманово. Општина Охрид континуирано со повици врши субвенционирање на новорегистрирани и веќе регистрирани занаетчии за директна поддршка на кондураџии, опинчари, производство на хартија, книговез, бојаџии, кувенџии, резбари на дрво, резбари на бакар, филиграни, ткајачи и четкари.

Општина Куманово, пак, промовира субвенционирање на занаети и саем за мало стопанство. Таму традиционално се организира и акцијата избор на „Сувенир на Општина Куманово“, кој се користи како промотор на градот и како одраз на традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства.


1936 – 2026 – Некогаш и сега

1936 година
(извадок од истражување на Милош Хр. Константинов)

„Општо земено, обидот за извесно фаворизирање на занаетчиството од страна на државната власт беше сведен на вистинска формалност. Сувите законски мерки, преку невозможни форми, требаше да го спасат занаетчиското производство. Градот што постојано опаѓаше, имаше околу една четвртина, во вистинска смисла на зборот, крајно бедно население.

При вакви услови сосем нормално дојде до еден поголем бран на мигрирање кон двете Америки, Австралија и некои други земји. За ова сведочат документи.“

Напишал Милош Хр. Константинов во своето истражување од 1961 година.
2026 година (90 години подоцна)

За подобрување на состојбите во занаетчиството од страна на државната и локалната власт се нудат субвенции, најчесто пред парламентарни или локални избори. Ефектите се незабележителни. Занаетчиите се соочуваат со високи кирии за дуќаните, зголемен е персоналниот данок, се зголемува сивата економија, а најнов и актуелен проблем е висината на минималната плата.

Во меѓувреме, иако во Регионалната занаетчиска комора нема точен податок, сепак се зголемува бројот на лица што се откажуваат од занаетчиството, се зголемува бројот на лица што се иселуваат во Германија, Австрија, Швајцарија и во некои други западни земји, а Австралија повторно станува „ветена земја“. На речиси секој трет дуќан во Старата битолска чаршија има натпис: „дуќанот се издава“ или „дуќанот се продава“.

Локални иницијативи за поддршка на битолските занаетчии

Креативци од Битола, институции, здруженија на граѓани и локалната самоуправа, од време на време, со проектни активности се обидуваат да придонесат за подобрување на состојбите во занаетчиството, да ја заживеат Старата битолска чаршија, како гнездо на занаетчиите од овој град.

На влезовите од Старата битолска чаршија преку проектите „Сигналитика“ и „Инвентаризација на Старата битолска чаршија“, на иницијатива на Почесниот француски конзулат во Битола и други организации, поставени се информативни табли од кои посетителите дознаваат за занаетите, за минатото во Чаршијата, за дуќанџиите, за старото градско јадро.

Од време на време во Чаршијата се организираат културно-уметнички вечери, летна сцена и други креативни содржини, но со краток здив. Најновата поддршка е од Општина Битола, која обезбеди бесплатен јавен интернет за граѓаните, за посетителите и за трговците во Градскиот пазар. Внесената новина се совпаѓа со барањата на занаетчиите за бесплатни интернет-услуги, но и за нови дигитални знаења.

Иако постојат одредени иницијативи и мерки за поддршка, без посериозен ангажман на локално и на национално ниво, занаетчиството во Битола ризикува целосно да згасне. Иднината на овие занаети ќе зависи од тоа дали заедницата ќе успее да ги зачува како економска потреба и културно наследство.

Автори:

*Мимоза Богданоска-Јовановска е активистка од Центарот за локални иницијативи Битола

** Марјан Танушевски е новинар

Фотографии во сторијата: Центар за локални иницијативи Битола

***Сторијата е преземена од Локал Актив Пелагонија е независен онлајн медиум, односно медиум на заедницата во пелагонискиот регион во Република Северна Македонија, кој има за цел да го зајакне дејствувањето на локалната заедница.

Зачлени се на нашиот е-билтен