Сиљановска-Давкова во Ереван: Европската политичка заедница како простор за дијалог и поврзување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествува на осмиот Самит на Европската политичка заедница, што се одржува во Ереван, Ерменија, под мотото „Градејќи иднина: единство и стабилност во Европа“. Македонија е меѓу земјите поканети на самитот, заедно со членките на Европската Унија, државите од Западен Балкан, Обединетото Кралство, Украина, Турција и други европски партнери.

Во рамки на престојот во Ереван, Сиљановска-Давкова оствари средба со ерменскиот претседател Вахан Хачатурјан, на која двајцата изразиле подготвеност за продлабочување на пријателските односи и за унапредување на соработката меѓу Македонија и Ерменија. Во разговорите било посочено дека визните олеснувања и директните авионски врски би можеле да придонесат за подобра економска соработка и поголема трговска размена, која засега е на ниско ниво.

Претседателката треба да учествува и на тркалезната маса „Зајакнување на поврзаноста и економската безбедност во контекст на зелената транзиција“. Со дискусијата претседаваат хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе, а предвидено е учество на премиери, европски претставници, генералниот секретар на ОБСЕ и претседателката на Европската комисија.

Европската политичка заедница е форум формиран за политички дијалог и координација меѓу европските држави, без оглед дали се членки на ЕУ или не. На самитот во Ереван главните теми се демократската отпорност, поврзаноста, економската и енергетската безбедност, во време на засилени геополитички тензии и притисоци врз европската безбедносна архитектура.

Самитот во Ерменија има и пошироко регионално значење, бидејќи се одржува непосредно пред првиот билатерален самит меѓу Европската Унија и Ерменија, исто така во Ереван. Тој ќе биде посветен на продлабочување на односите меѓу ЕУ и Ерменија, со фокус на енергетската, транспортната и дигиталната поврзаност, како и на мирот, безбедноста и стабилноста во Јужен Кавказ.

За Македонија, учеството на ваков формат е важно затоа што Европската политичка заедница останува една од ретките платформи каде земјите од Западен Балкан седат на иста маса со европските лидери и со земји што имаат клучно влијание врз безбедносната, енергетската и економската агенда на континентот. Во период кога европската интеграција на Македонија е блокирана во формалниот процес, ваквите форуми имаат значење за одржување на политичкото присуство и дипломатската видливост на земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен