Скандалозни нови откритија стигнуваат од соседна Србија. Во центарот на случајот е Веселин Милиќ, досегашен началник на белградската полиција, човек од самиот врв на безбедносниот систем, кој заврши во притвор под сомнение дека не пријавил кривично дело и дека му помогнал на сторител по извршено кривично дело. Одосно дека брисшел снимки од своите колеги кои палеле труп од мафијаш, со цел да скријат докази.
Случајот е поврзан со исчезнувањето на Александар Нешовиќ, познат како Баја, човек кого српските медиуми го поврзуваат со криминалното подземје и со таканаречената група на Дејан Стојановиќ Кека. Нешовиќ последен пат бил лоциран во ресторан во белградскиот кварт Сењак на 12 мај. Ден подоцна неговата невенчана сопруга го пријавила исчезнувањето. Она што првично изгледало како уште едно исчезнување од криминалното милје, брзо доби сосема друга тежина: во истрагата се појави името на првиот човек на белградската полиција.
Според српското Високо јавно обвинителство, Милиќ е осомничен дека, како началник на Полициската управа за град Белград, извршил повеќе дејствија со цел да се прикрие тешко кривично дело во ресторан на Сењак. Судот му одреди притвор до 30 дена, наведувајќи опасност дека, ако остане на слобода, би можел да уништи, сокрие, измени или фалсификува докази, како и да влијае врз сведоци.
Токму ова ја прави аферата поголема од обично криминално досие. Не станува збор само за сомнеж дека во ресторан дошло до пукање, ниту само за исчезнување на човек поврзан со криминални кругови. Станува збор за сомнеж дека делови од системот што треба да го штити јавниот ред се нашле на погрешната страна од истрагата. Ако се потврдат наводите што ги објавија српските медиуми, местото на злосторството не било само простор каде што се случил криминал, туку простор каде што криминалот бил бришан.
Најтешките детали дојдоа преку неофицијални информации што ги објави Данас. Според тие извори, Нешовиќ бил убиен со огнено оружје во ресторан на Сењак, по расправија со Саша Вуковиќ, наречен Боске. Истиот медиум објави дека телото било изнесено од ресторанот од лица поврзани со обезбедувањето на Милиќ, а потоа, наводно, било оставено и запалено покрај автопатот кај Шимановци. Официјална потврда за пронајдено тело нема: српскиот претседател Александар Вучиќ и директорот на полицијата Драган Васиљевиќ изјавија дека телото не е пронајдено и дека потрагата продолжува.
Српските медиуми објавија дека во локалот биле пронајдени траги од крв и чаури, додека обвинителството апелираше медиумите да не објавуваат непроверени информации и најави дека ќе ги соопштува само потврдените факти. Тој повик сам по себе покажува дека случајот се развива под огромен притисок: јавноста бара одговори, медиумите откриваат детали, а институциите се обидуваат да ја задржат контролата врз истрагата.
Дополнителна тежина има фактот дека Милиќ во минатото бил поврзуван и со политичкиот врв. Српските медиуми потсетуваат дека тој бил советник на претседателот Александар Вучиќ за борба против корупцијата и криминалот, а подоцна повторно бил поставен на чело на белградската полиција. По апсењето, Министерството за внатрешни работи соопшти дека тој повеќе не е началник на Полициската управа за град Белград, а функцијата привремено ја презема неговиот заменик.
Реакцијата на Вучиќ беше остра. Тој најави закон со кој од полицијата и војската би биле отстранети службеници што приватно обезбедуваат криминалци или тајкуни. Но, токму таквата изјава отвора пошироко прашање: ако државата сега признава дека делови од безбедносниот систем со години работеле за луѓе од криминалниот свет, тогаш аферата Милиќ не е изолиран инцидент, туку симптом на подлабока болест.
Опозицијата во Србија побара одговорност од врвот на МВР и од директорот на полицијата, оценувајќи дека аферата ја брише границата меѓу државните структури и криминалните групи. Тоа е најопасната димензија на целата приказна: кога граѓаните ќе почнат да се прашуваат дали полицијата гони криминал или делови од неа го штитат, државата влегува во зона во која секој следен доказ ја продлабочува недовербата.
