Веселин Милиќ, досегашниот началник на белградската полиција, е уапсен во рамки на истрагата за исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја, маж кој последен пат бил виден во ресторан на Сењак на 12 мај 2026 година. Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека Милиќ е задржан до 48 часа поради сомнение за непријавување кривично дело и помош на сторител по извршено кривично дело.
Случајот ја потресе Србија затоа што не станува збор за обичен полициски службеник, туку за човек кој со години беше прв оперативец на најголемата полициска управа во земјата. МВР на Србија по апсењето кратко соопшти дека Милиќ повеќе не е началник на Полициската управа за град Белград и дека до назначување нов началник, со управата ќе раководи неговиот заменик Дејан Бојовиќ.
Според досегашните информации, апсењето е дел од поширока акција за расветлување на исчезнувањето на Нешовиќ. Освен Милиќ, уапсени се уште осум лица, меѓу кои и припадници на полицијата и лица поврзани со настанот во ресторанот на Сењак. Дел од осомничените се товарат за тешко убиство во обид, недозволено носење оружје и предизвикување општа опасност, додека Милиќ, според обвинителството, се сомничи за прикривање, односно непријавување и помагање по извршено кривично дело.
Милиќ е роден во 1979 година во Прибој, а во полицијата влегол во 1998 година. Кариерата ја градеше брзо, од полициски службеник и командир во Савски Венац до раководни позиции во белградската полиција. За началник на Полициската управа за град Белград првпат беше именуван во 2013 година, функција што ја извршуваше до 2018 година, кога стана советник на претседателот на Србија Александар Вучиќ за борба против корупција и криминал. На чело на белградската полиција повторно се врати во 2020 година.
Во јавноста Милиќ остана особено запаметен по прес-конференцијата по масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во мај 2023 година, кога пред камери покажа список со деца што го имал малолетниот убиец. Тој потег предизвика силни реакции и критики, а родителите на децата поднесоа и кривична пријава, но случајот не доби судски епилог.
Неговото име претходно се поврзуваше и со други контроверзии во белградската полиција, меѓу кои случајот „Савамала“, кога Заштитникот на граѓаните утврди дека полицијата не реагирала на повиците на граѓаните поради наредба од врвот на белградската полиција. Милиќ тогаш беше на чело на белградската полициска управа.
Во 2022 година, БИРН објави дека Милиќ има стан од 195 квадратни метри во луксузна зграда на Дедиње, а во истата зграда станови поседувале и неговите тест и тешта. Според објавените податоци, станбениот комплекс претходно бил предмет на внимание поради прашања околу легализацијата и вредноста на недвижностите.
Апсењето на Милиќ сега отвора многу пошироко прашање од неговата лична одговорност, која допрва треба да се утврдува во постапка. Ако првиот човек на белградската полиција навистина бил во близина на случај поврзан со исчезнување, пукање и можна ликвидација, тогаш српската јавност со право бара одговор како е можно највисоки полициски структури да се најдат во таков контекст.
Во оваа фаза, Милиќ е осомничен, не осуден. Но политичката и институционалната тежина на случајот е огромна: човек кој со години требаше да ја симболизира борбата против криминалот сега треба да објаснува што знаел, што пријавил, што не пријавил и дали помогнал да се прикријат траги по тежок криминален настан.
