Преполна сала, илјадници гласови и ѕвездено небо од светлата на мобилните телефони. Македонската поп-дива Калиопи вечерва ја крена скопската публика на нозе во арената „Борис Трајковски“, каде што нејзините најголеми хитови ги пееја генерации што растеле со нејзината музика.
Арената одекнуваше од гласовите на публиката, која заедно со Калиопи ги пееше песните што со децении се дел од македонската музичка сцена. Во еден од највпечатливите моменти, светлата од мобилните телефони ја осветлија салата, создавајќи ѕвездено небо над илјадниците посетители.
Од првите редови до трибините, публиката беше на нозе, следејќи ја Калиопи низ репертоарот со кој изгради една од најпрепознатливите музички кариери во Македонија и регионот.
Вечерашниот концерт е дел од одбележувањето на 50 години од првиот јавен настап на Калиопи на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1976 година.
Во пресрет на концертот, пејачката најави вечер посветена на долгогодишната врска со публиката, со песни што одбележале различни периоди од нејзината кариера.
Калиопи двапати ја претставуваше Македонија на Евровизија, во 2012 година со „Црно и бело“ и во 2016 година со „Дона“, а нејзините песни и денес имаат публика од различни генерации.
Вечерашната атмосфера во „Борис Трајковски“ уште еднаш покажа дека нејзините хитови не се само дел од музичкото минато, туку продолжуваат да се пеат и денес, заедно со новите генерации слушатели.

