Албанската полиција вечерва продолжува да употребува гумени куршуми против демонстрантите во Тирана, а на булеварот „Мачениците на нацијата“ се пронајдени голем број чаури по судирите со полициските сили. Фотографиите објавени од албанските медиуми покажуваат остатоци од испуканата муниција на коловозот, додека протестите против владата на Еди Рама влегуваат во петтиот ден.
Според „Топ чанел“, полицијата продолжила да користи гумени куршуми во обид да ги потисне демонстрантите од централните улици на главниот град. Слични фотографии објави и албанскиот медиум ЦНА, кој известува дека дел од булеварот е покриен со чаури.
Употребата на гумени куршуми претходно ја потврди и генералниот директор на албанската полиција, Скендер Хита.
Тој изјави дека полицијата користи средства дозволени со закон и дека станува збор за сертифицирана опрема, која, според него, била употребувана во ограничен обем.
Хита најави дека секој случај на пречекорување на полициските овластувања ќе биде предмет на истрага.
Агенцијата Ројтерс претходно објави видеоснимки на кои се гледа како полициски службеници пукаат кон демонстрантите пред Министерството за образование во Тирана.
Новинарите на агенцијата пронашле гумени проектили на земјата, а двајца новинари на Ројтерс биле погодени за време на интервенцијата. Погодени биле и неколку демонстранти, кај кои биле забележани кружни траги од ударите.
Албанските медиуми објавија и снимки од повредени млади луѓе кои тврдат дека биле погодени со гумени куршуми во градите и нозете.
Иако гумените куршуми се сметаат за помалку смртоносна алтернатива на боевата муниција, тие можат да предизвикаат сериозни телесни повреди, трајно оштетување на видот, па дури и смрт, особено кога се испукани од мала оддалеченост или погодуваат чувствителни делови од телото.
Полицијата во Тирана употребува и солзавец и водени топови, додека дел од демонстрантите фрлаат камења, пиротехнички средства и молотови коктели кон полициските кордони.
Директорот Хита соопшти дека во досегашните протести се повредени 132 полициски службеници во Тирана, Скадар и Лежа. Седум полицајци се суспендирани поради сомневања за пречекорување на овластувањата и непочитување на принципот на пропорционалност.
Протестите во Албанија започнаа на 13 октомври со студентски барања за подобри услови во образованието, но прераснаа во пошироки антивладини демонстрации со барање за оставка на премиерот Еди Рама.
Судирите вечерва продолжуваат во центарот на Тирана, каде што се регистрирани пожари и оштетувања на државни институции, додека безбедносните сили се обидуваат да воспостават контрола врз главните сообраќајници.

