Пензионерите во Општина Аеродром ќе можат бесплатно да посетуваат часови по аеробик, во рамките на новата програма за рекреација и физичка активност наменета за повозрасните граѓани. Целта е поттикнување здрави животни навики, подобрување на подвижноста и поголема социјализација на лицата во трета доба.
Програмата предвидува часови по „Микс Аеробик“, со вежби со низок и умерен интензитет, приспособени на возраста, физичката подготвеност и индивидуалните можности на учесниците.
Од Општина Аеродром информираат дека посебно внимание ќе се посвети на правилното изведување на вежбите и безбедноста, со цел рекреативните активности да бидат достапни за што поголем број пензионери.
Часовите ќе ги води професорот по физичко и здравствено образование Лазар Иванов од „Микс Аеробик“, во соработка со Здружението на пензионери „Солидарност“ од Аеродром.
„Грижата за здравјето, активноста и благосостојбата на пензионерите е важен дел од поддршката што ја овозможува Општина Аеродром. Преку ваквите активности, пензионерите ќе добијат можност бесплатно да се рекреираат, да создаваат здрави навики и да уживаат во придобивките од движењето и дружењето“, соопштија од Општината.
Од локалната самоуправа посочуваат дека редовната физичка активност може да придонесе за подобра кондиција и подвижност, но и да создаде дополнителни можности за дружење и активно поминување на слободното време.
На заинтересираните пензионери им се препорачува да бидат физички способни за ваков вид активност и да немаат лекарска забрана за вежбање. Лицата со хронични заболувања или други здравствени ограничувања треба претходно да се консултираат со лекар.
За повеќе информации и пријавување, пензионерите можат да се обратат кај професорот Лазар Иванов на телефонскиот број 078 441 235.

