Подводната пештера Врело на Матка е истражена до рекордни 338 метри, со што, според организаторите на експедицијата „Врело 2026“, стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот во која нуркал човек. Меѓународниот тим поставил три светски рекорди, надминувајќи ја досегашната истражена длабочина за 51 метар.
Рекордното нуркање го извршил полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, а целата операција траела девет часа. Во експедицијата, која се одржуваше од 10 до 17 октомври, учествувале 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија.
Според Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, со достигнатата длабочина се поставени рекорди во три категории – најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.
Со новиот резултат Врело ги надмина досегашните достигнувања во пештерите Фонт Естрамар во Франција, каде што е регистрирана длабочина од 312 метри, и Елефанте Бјанко во Италија, со 292 метри, според споредбата објавена од организаторите.
Покрај рекордната длабочина, нуркачите откриле и два досега непознати подводни канала, со што дополнително е проширена мапата на пештерскиот систем.
Првиот канал е откриен на околу 300 метри од влезот во пештерата, на длабочина од 33 метри. Долг е приближно 100 метри и се поврзува со дел од пештерата истражен во 2000 година.
Вториот канал се наоѓа на длабочина од 170 метри, долг е околу 30 метри и се поврзува со главниот длабински канал на 185 метри.
Со новите откритија, експедицијата истражила повеќе од 150 метри дополнителни делови од подводниот систем.
Особено сложена била операцијата за безбедно враќање на Питала од рекордната длабочина. Неговото излегување го следеле 12 безбедносни нуркачи распоредени на различни длабочини, додека на површината биле подготвени медицински и спасувачки екипи.
Во приправност биле хипербарична комора, хеликоптерската единица на МВР, нуркачи од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и екипа на Итната медицинска помош.
За потребите на експедицијата, македонските нуркачи за првпат самостојно конструирале и поставиле подводна воздушна комора, таканаречен хабитат, на длабочина од осум до девет метри, на околу 130 метри од влезот во пештерата.
Комората овозможувала престој на нуркачите за време на долгите декомпресиски процедури, неопходни за безбедно враќање од големи длабочини. Во пештерата биле распоредени и повеќе од 30 боци со различни гасни мешавини, како и резервна опрема за греење и осветлување.
Претходната најголема истражена длабочина на Врело изнесуваше 287 метри, резултат што Питала и неговиот тим го постигнаа во октомври 2025 година. Со најновата експедиција, границата е поместена за дополнителни 51 метар.
Новото достигнување претставува значаен резултат за спелеонуркачките истражувања во Македонија и отвора можности за понатамошно проучување на подводниот систем на Матка, чија конечна длабочина сè уште не е утврдена.

