Тирана во пламен, запалени врховниот суд и институциите

Тирана вечерва повторно е зафатена од жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата, со запалени автомобили, напади врз државни институции и десетици повредени. Дел од зградата на Врховниот суд е зафатен од пожар, додека во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама се водат судири со полицијата. Според најновите информации, во болниците денеска се пријавиле најмалку 34 повредени полицајци и демонстранти.

Петтиот ден од масовните антивладини протести во Албанија прерасна во нова ескалација на насилството. Централниот булевар „Мачениците на нацијата“ во Тирана е исполнет со чад, запалени возила и остатоци од камења и пиротехнички средства што демонстрантите ги фрлаат кон полициските кордони.

Според последните информации на албанските медиуми, околу 19:30 часот дел од зградата на Врховниот суд бил зафатен од пожар. Во непосредна близина биле запалени автомобил и повеќе контејнери.

Претходно, демонстрантите се обиделе да ги пробијат полициските кордони пред зградата на Владата, фрлајќи молотови коктели, камења и пиротехнички средства.

Во еден од нападите бил запален полициски воден топ, а пламенот бил изгаснат со интервенција на друго полициско возило. На главниот булевар целосно изгорел и автомобил, при што биле слушнати неколку експлозии.

За време на судирите биле повредени и двајца полицајци кои биле зафатени од пламен при експлозија на молотов коктел.

Околу 19 часот пред кабинетот на премиерот Еди Рама пристигнале и специјалните полициски сили РЕНЕА, кои воспоставиле дополнителен безбедносен периметар околу зградата.

Полицијата интервенирала со солзавец, водени топови и гумени куршуми, додека демонстрантите продолжиле да се движат низ централните улици.

Директорот на албанската полиција, Скендер Хита, потврди дека полицијата користела гумени куршуми, тврдејќи дека станува збор за сертифицирани средства употребени во ограничен обем. Тој најави проверки на сите случаи на евентуално пречекорување на полициските овластувања.

Според последните информации од албанските медиуми, денеска медицинска помош побарале најмалку 21 полицаец и 13 демонстранти. Претходно, Министерството за здравство соопшти дека меѓу повредените има и случаен минувач.

Еден демонстрант бил потешко повреден при полициска интервенција и бил пренесен со амбулантно возило, додека друг се здобил со повреди на лицето по удар од средство со солзавец.

Нападите врз институциите не започнаа вечерва. Во изминатите денови демонстрантите ја нападнаа и зградата на претседателството на парламентот, каде што беше оштетен влезот и беше предизвикан пожар. Нападнати беа и неколку министерства, банки и други објекти во центарот на Тирана.

Според директорот на полицијата, во текот на петте дена протести биле повредени 132 полициски службеници, а 167 лица биле уапсени. Против уште 388 лица биле поведени постапки.

Хита потврди и дека седум полицајци се суспендирани поради сомневања за пречекорување на службените овластувања.

Протестите започнаа во вторникот, 13 октомври, пред Министерството за образование, каде што студентите побараа подобри услови за студирање и мерки против високите трошоци за образование. Незадоволството брзо прерасна во пошироки антивладини демонстрации, на кои се бара оставка од премиерот Еди Рама.

Демонстрантите ја обвинуваат владата за корупција, недостиг од економски можности и игнорирање на барањата на младите.

Студентските протести се надоврзаа на повеќемесечните демонстрации против планиран туристички проект на јужното албанско крајбрежје, поврзан со инвестициска компанија основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Рама одбива да поднесе оставка и ја обвинува опозицијата дека ги поттикнува насилствата. Во видеопорака тој изјави дека нема да дозволи политички интереси да ја загрозат стабилноста на земјата.

Европската Унија претходно изрази загриженост поради насилството во Албанија и повика на почитување на правото на мирен протест и пропорционална реакција на безбедносните сили.

Состојбата во Тирана вечерва останува напната, а албанските медиуми продолжуваат во живо да известуваат за судирите и пожарите во централното градско подрачје.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?