Калиопи го крена Скопје на нозе: три часа хитови, емоции и арена што пееше во еден глас

Калиопи

Калиопи уште еднаш потврди дека е една од најголемите музички ѕвезди на македонската сцена, со глас што не познава граници и харизма што ја држи публиката на нозе. Нејзиниот синиќешен концерт беше вистинско музичко патување низ пет децении кариера, исполнето со хитови, носталгија, изненадувања и силни емоции.

Особено емотивно беше кога одекнаа „Бато“ и „Остани во мене“, песни што имаат посебно место во македонската музичка историја. „Црно и бело“ ја крена салата на нозе, а „Месечина“ уште еднаш покажа дека некои песни едноставно не стареат.

Во музичката приказна се нижеа и добро познатите „Кофер љубави“, „Знам“„Дали да ти кажам“„Тоа сум јас“и други композиции од нејзиниот богат репертоар, кои публиката ги пречекуваше со овации.

Едно од изненадувањата на вечерта беше гостувањето на Слаткаристика, кој се појави на сцената и настапи заедно со Калиопи со нивната заедничка песна „Води ме“. Спојот на нејзиниот моќен вокал и неговиот препознатлив рап-израз внесе поинаква динамика и дополнителна енергија во концертот.

Посебно место имаше и детскиот хор „Пиколо“, кој заедно со Калиопи ја испеа песната „Бебе“. Детските гласови, придружени од музичарите на сцената, создадоа топла и емотивна атмосфера, потсетувајќи дека музиката ги поврзува сите генерации.

Но, Калиопи не остана само на сопствените хитови. Посебен дел од концертот беше посветен на македонските евергрини, песните што со децении се дел од колективната музичка меморија. Овој блок внесе дополнителна носталгија во вечерта, а публиката со истата љубов ги пееше и мелодиите што ги одбележале некои други времиња.

Посебно изненадување на вечерта беше и премиерното претставување на видеоспотот за новата песна „Лаж“. Калиопи го искористи големиот скопски концерт за да ѝ подари на публиката уште една нова музичка приказна, покажувајќи дека и по пет децении на сцената продолжува да создава и да го збогатува својот репертоар.

Оваа година има и посебно значење за неа. Се навршуваат 50 години од нејзините први музички чекори, кога во 1976 година настапила на детскиот фестивал „Златно славејче“. Половина век подоцна, Калиопи и понатаму е уметница која создава, изненадува и обединува генерации со својата музика.

Скопскиот концерт воедно го означи почетокот на нејзината нова регионална концертна турнеја.

Ако нешто покажа оваа вечер, тоа е дека големите песни немаат рок на траење, а вистинските музички ѕвезди не се мерат само според бројот на хитови, туку и според љубовта што ја добиваат од публиката.

Преземено од Трн.мк

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?