Масовни протести се одржаа во повеќе градови во Португалија поради високите трошоци за живот, недостапните станови и ниските примања. Демонстрациите во Лисабон, Порто и Коимбра се дел од поширокиот бран граѓанско незадоволство што зафати повеќе европски земји, додека во Франција протестите прераснаа во судири со полицијата.
Протестите во Португалија ги организира синдикалната конфедерација ЦГТП, со поддршка од повеќе движења за правото на домување. Демонстрантите бараат повисоки плати, подобри пензии, поквалитетни јавни услуги и мерки против постојаното поскапување на основните производи, горивата и становите.
Протестните маршеви во Порто и Коимбра се преселија и на улиците на Лисабон.
Во главниот град маршот започна од плоштадот Каиш до Содре и продолжи кон централниот плоштад Росио. Организаторите очекуваат илјадници учесници, а граѓаните носат транспаренти со барања за подостапни станови и подобар животен стандард.
Во Порто демонстрантите се собраа на плоштадот Баталја, од каде што маршираа кон плоштадот Дон Жоао Први, каде што во изминатите денови се одржуваа протести поради станбената криза.
Претставниците на движењата за домување нагласуваат дека сè поголем број граѓани не можат да си дозволат сопствен стан, а растечките кирии стануваат неподнослив товар за семејните буџети.
„Она за што луѓето бараат да разговараме е правото на домување за сите“, изјави Жозе Мануел Пуреза од португалската партија Лев блок, нагласувајќи дека станбената криза е главниот повод за граѓанското незадоволство.
Според него, граѓаните се соочуваат со сè повисоки кирии и станбени кредити што сè потешко можат да ги отплаќаат.
Генералниот секретар на синдикалната конфедерација ЦГТП, Тијаго Оливеира, изјави дека протестите се одговор на драстичното поскапување на становите, горивата и основните животни производи.
Тој предупреди и на влошувањето на јавните услуги, оценувајќи дека сегашните владини политики дополнително го намалуваат животниот стандард.
Протестите во Португалија не се изолиран случај. Минатиот викенд илјадници граѓани веќе демонстрираа во Лисабон и Порто поради растечките кирии и трошоците за живот.
Слични протести во изминатиот период се одржуваа и во Шпанија, каде што високите цени на становите и недостигот од достапно домување предизвикаа силно незадоволство.
Во Франција, пак, денешните демонстрации против скапотијата, нееднаквоста и владините политики прераснаа во судири меѓу дел од демонстрантите и полицијата.
Според француското Министерство за внатрешни работи, до средината на попладнето биле уапсени 272 лица по инциденти во Париз, Марсеј, Тулуз, Анже и Лион.
Во делови од Париз полицијата употребила солзавец, биле оштетени продавници и запалени возила, додека во Лион демонстранти ја запалиле зградата на туристичката канцеларија.
Протестни собири се одржуваат и во Брисел, каде што дел од демонстрантите се судрија со полицијата. Тамошното незадоволство е поврзано и со трошоците за образование и реформите што, според студентските организации, може да го ограничат пристапот до високото образование.
Иако поводите се различни во секоја земја, заеднички проблем на голем дел од демонстрантите е намалувањето на куповната моќ и сè потешкиот пристап до основните животни потреби.
Во Португалија засега нема информации за поголеми инциденти на денешните протестни маршеви, а организаторите најавуваат продолжување на притисокот врз властите за конкретни економски и социјални мерки.

