Со распуштање на парламентот и распишување избори, Александар Вучиќ презеде ризичен чекор за целосно консолидирање на својата моќ. Таков потег досега е виден само во Русија. Ова се наведува во анализата насловена „Србија на патот кон диктатура“ од германскиот неделник „Тагеспост“.
Конзервативниот католички неделник пишува дека од 2014 година, кога стана премиер, а во 2017 година претседател, Вучиќ систематски воспоставил контрола врз медиумската средина, економијата и судството во Србија преку неговата Српска напредна партија.
Откако минатата година во Србија избувнаа антивладини протести со стотици илјади учесници, властите „реагираа немилосрдно, демонстрантите беа претепани, професорите и наставниците ги загубија своите работни места, а провладините медиуми ги обвинија студентите што протестираат за предавство против земјата“, пишува „Тагеспост“.
„Речиси е невозможно слободно да се зборува за непроѕирни јавни набавки, проневера на јавни средства и врски на кланот Вучиќ со организираниот криминал во земјата. Затоа илјадници Срби ја бараат својата иднина во емиграција“, пишува неделникот.
Разбирањето на вредностите и правата е она што го одделува автократскиот српски претседател од ЕУ
Германското издание пишува дека Европската Унија, исто така, потврдила дека Србија не напредува на патот кон европската интеграција. Еврокомесарот за проширување Марта Кос најави дека по изборите ќе се процени колку е сериозен Белград во својата намера да стане дел од ЕУ и дали само зборува за тоа или всушност работи кон постигнување на оваа цел.
„Нејзиното разочарување е целосно оправдано. Од 2022 година, српската влада тврдоглаво одбива да се придружи на санкциите на ЕУ против руското раководство или да ја усогласи својата политика со европската заедничка надворешна и безбедносна политика. И ова е сосема намерно, бидејќи идејата за Русија како голем брат, кум и заштитник на Балканот има долга традиција“, пишува неделникот.
Сепак, Вучиќ не ја измислил политиката на маневрирање помеѓу Европа и Русија, а во поново време и помеѓу Европа и Кина. Тој само ја „усовршил“ оваа политика, пишува изданието, кое има значително влијание во конзервативните академски кругови.
„Тејгеспост“ пишува дека „поранешниот генерален секретар на расистичката Српска радикална партија на осудените воени злосторници Воислав Шешељ и министер за информации под српскиот тиранин Слободан Милошевиќ дури се фали со својот привилегиран однос со Владимир Путин, од кого добива високи државни награди, додека од Брисел добива значителни средства од претпристапните фондови на ЕУ“.
Сето ова, како и јавно изразената симпатија кон осудените воени злосторници Ратко Младиќ, според „Тејгеспост“, „покажува дека токму разбирањето на вредностите и правата го одделува авторитарниот српски претседател од Европската унија“.
„Во оваа ситуација, Вучиќ се осмели да преземе ризичен пресврт за да ја консолидира својата моќ. Тој поднесе оставка од функцијата претседател за да може на 25 октомври повторно да стане премиер, овој пат како лидер на листата на Српската напредна партија. Потоа, веројатно, како Путин со Дмитриј Медведев, ќе го испрати својот човек во трката за претседател“, пишува и „Тејгеспост“.

