Масовни апсења во Хрватска по нацистичките скандирања на „Торцида“

ФОТО: Ивана Ивановиќ

Хрватската полиција продолжува со апсења и потрага по навивачи на „Торцида“ по нацистичките и антисемитските скандирања во Сплит, пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс. Досега се идентификувани и кривично пријавени 14 лица, четворица осомничени се изведени пред истражен судија, а полицијата продолжува да трага по други учесници. Во одделните инциденти поврзани со натпреварот биле приведени уште десетици навивачи.

Според најновите информации на хрватски „Индекс“, четворицата осомничени биле испитани во Државното обвинителство во Сплит, по што биле изведени пред истражниот судија на Жупанискиот суд. Обвинителството ги товари за јавно поттикнување насилство и омраза.

Судот треба да одлучи дали ќе им определи истражен притвор поради опасност од повторување на кривичното дело. За основниот облик на ова дело е предвидена казна до три години затвор, додека за организирање или предводење група што го извршила делото може да се изрече казна од шест месеци до пет години.

Меѓу осомничените има и лица кои, според полициските информации, претходно повеќепати биле пријавувани за насилство, злоупотреба на дрога и други кривични дела.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ соопшти дека од 14 анализирани лица, 11 претходно биле пријавувани за вкупно 94 кривични дела и 273 прекршоци.

Само еден од нив, според министерот, има 30 кривични и 11 прекршочни пријави, меѓу кои и за дела поврзани со дрога, насилство и оружје.

Истрагата открила и дека еден од осомничените учествувал во навивачкиот марш додека користел одобрен привремен излез од затвор, по што се вратил на издржување на казната.

Полицијата продолжува да ги анализира видеоснимките од маршот за да ги идентификува и останатите учесници во скандирањата.

Инцидентите се случија во четвртокот, 15 октомври, кога илјадници навивачи на Хајдук организирано се движеа кон стадионот „Пољуд“, пред натпреварот со холандски Ајакс.

За време на маршот се слушале повици со кои се величале Адолф Хитлер и нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц, како и антисемитски пораки со повици на насилство врз Евреите.

Дел од навивачите извикувале „Стани, Адолфе“ и „Аушвиц, Аушвиц“, а се пееле и песни со содржина што повикува на убивање и палење Евреи.

Биле упатувани и навреди кон Ана Франк, еврејското девојче кое почина во нацистичкиот концентрационен логор Берген-Белзен.

На почетокот од поворката имало автомобил со ковчег на кој било испишано името на Ајакс. Подоцна навивачите го симнале ковчегот од возилото и го искршиле, повторно извикувајќи антисемитски пораки.

Според снимките објавени во хрватските медиуми, не станувало збор само за изолирани извици на поединци, туку за групно скандирање во рамките на организираниот навивачки марш.

Во одделна полициска постапка, поврзана со претходните нереди на сплитската Рива, петмина навивачи добија едномесечен истражен притвор поради сомневање за предизвикување нереди и присила врз полициски службеници.

При тие инциденти, во кои полицијата интервенирала за да спречи судир меѓу навивачи на Хајдук и Ајакс, биле уапсени уште 52 лица поради нарушување на јавниот ред и мир.

За време на обезбедувањето на самиот натпревар биле приведени дополнителни 28 домашни навивачи. Овие случаи се одвоени од кривичната истрага за нацистичките и антисемитските скандирања.

Настаните предизвикаа остри реакции во хрватската јавност, вклучително и осуди од државниот врв.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ побара санкции со кои јасно ќе се покаже дека во земјата нема место за величање на нацизмот.

Инцидентите отворија и расправа меѓу министерот Божиновиќ и Здружението на хрватските судии.

Министерот оцени дека дел од насилните навивачи постојано се враќаат на улиците и покрај бројните претходни пријави, повикувајќи на поефикасно судско постапување.

Здружението на судиите возврати дека извршната власт не треба да ја префрла одговорноста врз судовите без целосни и проверливи податоци.

Адвокатот на еден од осомничените, Тони Маринковиќ, изјави дека надлежните институции треба да утврдат кој учествувал во скандирањето, што точно било извикувано и во каков контекст. Одбраната на друг осомничен тврди дека нивниот клиент не е дел од раководството на „Торцида“.

Хрватската полиција најавува продолжување на истрагата и нови приведувања доколку се идентификуваат дополнителни лица осомничени за јавно поттикнување насилство и омраза.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?