Професорката д-р Анка Трајковска-Петкоска од Технолошко-техничкиот факултет – Велес, кој е дел од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), се најде на престижната светска ранг-листа на Универзитетот „Стенфорд“ во САД и научната издавачка куќа „Елсевир“ за 2026 година. Според соопштението на Битолскиот универзитет, таа е рангирана меѓу првите два процента највлијателни научници во светот според цитираноста на нејзините научни трудови. Трајковска-Петкоска е единствената претставничка на УКЛО на оваа листа.
„Со ова рангирање се потврдува фактот дека и ние имаме капацитет и знаење да постигнеме успех што ќе биде видлив, односно препознаен и од странските агенции што ги прават овие рангирања. Тоа ми дава уште поголема верба дека вредиме на светско ниво, без оглед на тоа каде сме географски лоцирани“, вели Трајковска-Петкоска.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, оцени дека ова признание е потврда оти на Универзитетот се создава наука со врвно влијание што ги надминува националните граници.
„Ова е историско постигнување на УКЛО за кое можевме само да сонуваме. Дојде време кога сонот стана јаве и наш вработен, професорката Анка Трајковска-Петкоска од Технолошко-техничкиот факултет, се најде меѓу првите 2 проценти најцитирани, односно најдобри научници во светот, четврторангирана од вкупно 11 македонски научници на оваа листа за 2026 година“, рече Неделковски.
Тој додаде дека Трајковска-Петкоска повеќе години по ред е водечки научник на Универзитетот и дека има голема заслуга за доделувањето на титулата почесен професор на УКЛО на нобеловецот проф. Ден Шехтман.
Трајковска-Петкоска е специјалист во областа на материјалите, хемиското инженерство и биотехнологијата. Таа е инженер-технолог, а докторските студии ги завршила на Универзитетот во Рочестер, САД, каде што работела и како асистент. Била ангажирана и на Воената академија во Скопје, а има завршено обука во првата генерација жени-офицери во Армијата на Република Македонија. Авторка е на научноистражувачки проекти, научни трудови и патенти во земјата и во странство.
Ж.З.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

