19 грешки што не смеете да си ги дозволите оваа пролет

Изминуваат речиси два месеци активна пролет во 2026 година и речиси две години власт на ВМРО-ДПМНЕ. Владата на Христијан Мицкоски не успева да наметне сликата на стабилна власт што испорачува резултати, туку влезе во период обележан со политички порази, институционални скандали и јавни гафови. Наместо пролет на консолидација, власта доби пролет на кризи, дефанзивни реакции и продлабочување на недовербата кај различни групи граѓани.

Анализира: Марјан ЗАБРЧАНЕЦ

Во втората премиерска пролет на Мицкоски се отворија речиси сите чувствителни фронтови за една власт: правда и одговорност по Кочани, тензии околу обвинителството, социјални протести, корупциски скандали, коалициски пукнатини, пад на медиумските индикатори и слики на институционална нефункционалност. Оваа анализа се потпира на факти, датуми, изјави и јавни настани во период од само два месеци што сами по себе ја градат сликата за пролет исполнета со киксови, порази и неисполнети очекувања.

Нема правна држава ниту на хартија, ниту на терен

Најтешките удари за Владата дојдоа токму таму каде што државата мора да изгледа најцврсто: во правдата, институциите и чувството дека системот работи еднакво за сите. Кога тука ќе се појават пукнатини, секое политичко ПР-сликање станува помалку важно, затоа што граѓаните прво сакаат да видат дали државата е праведна и функционална.

1. Нема правда за Кочани – 63 жртви, куп отворени рани

Една година подоцна, на 14–16 март 2026, државата одбележуваше со комеморации и конференции, а граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ повика на собир во Кочани со барање за правда и одговорност. Поразот за власта е во тоа што првата годишнина не донесе чувство на заокружена правда, туку продолжено незадоволство дека “системот” (власта) ништо не научил од трагедијата.

2. Ленче Ристоска против системоти сомнежот за „премиерски“ обвинител

Обвинителката Ленче Ристоска во јануари 2026 јавно соопшти дека бара институционална заштита од, како што рече, недозволив притисок врз јавен обвинител од позиција на моќ. Подоцна, Советот на јавни обвинители формално констатираше дека нема докази за директен притисок, но самото тоа што висок обвинител мора да алармира дека се чувствува нападнат од политичари е доволен доказ дека дистанцата меѓу обвинителството и власта е разнишана. Кулминацијата дојде со оставката на Ристоска, која ја оправда токму со притисоците – момент кога правната приказна се претвори во политички шамар за владата.


Во истиот амбиент претседателката Гордана Силјановска-Давкова јавно се запраша дали премиерот и јавниот обвинител комуницираат и дали се во пријателска релација, дополнително поткопувајќи ја довербата во независноста на обвинителството. Кога една обвинителка тврди дека е под притисок, а претседателката на државата сугерира дека можеби постои неформална линија меѓу премиер и обвинител, тоа веќе не е изолиран случај туку сигнал дека владеењето на правото е во најслаба форма откако оваа влада е на власт.

3. Случајот Груби и Случајот мазут за ТЕЦ Неготино – лица на привилегиите и недостапната правда

Случајот Артан Груби одамна ја надмина рамката на лична контроверзија и стана синоним за стил на владеење во кој луѓето од естаблишментот играат по други правила од обичните граѓани. Од ангажмани и договори поврзани со неговиот круг, до перцепции за влијание врз тендери и кадровски решенија, Груби е доживеан како лице на привилегијата во систем што се претставува како „нов и праведен“ и тоа токму во време кога Мицкоски е речиси на половина од својот мандат.

На тоа се надоврзува и Случајот мазут за ТЕЦ Неготино, во кој во фокусот на јавноста беа бизнисмените Капушевски и Јахоски. Граѓаните слушнаа за можни набавки по спорни цени и дилеми околу квалитетот на горивото, но не добија јасни одговори: нема транспарентна слика што точно се случило, кој носел одлуки и како од првична мета на власта, овие луѓе полека исчезнаа од политичката огнена линија. Во услови кога правосудството веќе се доживува како ставено под силно владино влијание, ваквата „тишина“ само ја засилува недовербата. Поразот за власта е уште поголем затоа што на избори влезе со ветување дека ќе расчисти со ДУИ, а Артан Груби на крај им се врати насмеан на граница. Јасен шамар пред сопственото членство.

4. Телохранител на Мицкоски ја давел сопствената жена, претходно друг издавал државна тајна

На почетокот на мај 2026 беше објавено дека припадник на обезбедувањето на премиерот добил кривична пријава за телесна повреда врз сопругата и му бил одреден притвор. Формално, станува збор за индивидуално кривично дело. Но политичкиот проблем е јасен: кога скандал избива во најтесниот безбедносен круг околу премиерот, јавноста логично прашува какви проверки и стандарди важат за луѓето што го обезбедуваат првиот човек на Владата. Дополнителна штета предизвика и реакцијата на премиерот, која во јавноста беше доживеана како релативизирање, односно како третирање на настанот како „мал прекршок“. Поразот затоа не е само во инцидентот, туку и во начинот на кој власта се обиде да го омаловажи неговото политичко значење.

Овој случај не остана изолиран инцидент. Една година претходно, во јавноста изби и скандалот со друг телохранител на премиерот кој оддавал државна тајна, што ја прошири сликата за проблем не само со едно лице, туку со безбедносните филтри околу во службите на самиот врв на власта.

5. Земјоделството го тресат серија корупциски скандали, министерот мува не го лази

На 20 март 2026 беше уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделие под сомнение дека примил поткуп од 50.000 евра. Ова е тежок удар затоа што не станува збор за случаен службеник, туку за прв човек на институција што треба да го контролира законитото работење во еден чувствителен сектор. Поразот за власта е двоен: се руши довербата и во антикорупциската порака и во државната поддршка за земјоделците.

Тежината на случајот е уште поголема затоа што доаѓа во ресор кој веќе беше оптоварен и со скандалот во Земјоделскиот инспекторат и со проблемите поврзани со ИПАРД кои доведоа до суспензија на европските пари за поддршка на земјоделците. Наместо ресор што треба да внесува сигурност кај производителите, земјоделството стана симбол за слаб надзор, сомнежи за злоупотреби и отсуство на јасна политичка одговорност.

Од штрајкови до фемицид: предупредувањата што власта ги игнорира

Втората голема линија на слабеење на Владата е социјалното незадоволство. Кога во краток рок протестираат работници, културни работници и кога имате секојдневни случаи на напади врз жените кои нема кој да ги заштите, пораката е јасна: проблемот не е во една партиска критика, туку во пошироко чувство дека државата не се грижи за граѓаните.

6. Платите замрзнати, синдикалците на улица

На 27 јануари 2026, Сојузот на синдикати на Македонија организираше протест со барање минималната плата да се зголеми на 600 евра и платите да пораснат за 6.000 денари. Иако протестот е од јануари, неговите ефекти продолжија и во пролетта, кога темата за животниот стандард остана отворена. Поразот за Владата е во тоа што работничкото незадоволство не се намали, туку продолжи да живее како доказ дека ветувањата за подобар стандард не се чувствуваат доволно силно.

Ова незадоволство не згасна ни за Први Мај. Напротив, првомајскиот протест ја потврди пораката дека социјалната тема не е епизода, туку траен политички товар за владата, која влезе во пролетта без уверлив одговор на барањата за повисока минимална плата и реален раст на примањата.

7. Културата против министерот – платите се црвената линија

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков се соочи со остри реакции откако беа отворени иницијативи поврзани со моделот на пресметка на платите во културата и откако стана јасно дека власта сака да ги крати платите на културњаците преку одлука на Уставниот суд. Уметниците одговорија со критики, протестни собири и јавен отпор. Поразот е во тоа што власта влезе во судир со сектор кој има секојдневен контакт со разни публики и кој требаше да го подготвува Скопје да биде Европска престолнина на културата 2028, а особено во тоа што министерот кој доаѓа токму од штиците што живот значат не може да испорача ниту едно барање кон своите поранешни колеги.

8. Хулиганството кон Каролина како дел од поширокото насилство кон жени
Навредливите и сексуализирани песни кон Каролина Гочева од дел од навивачката публика не се „само“ инцидент на стадион, туку симптом на многу подлабок проблем – нормализирање на омраза и насилство кон жени во јавниот простор. Таквиот говор доаѓа во период кога бројот на случаи на семејно насилство, напади и убиства на жени постојано ја потресуваат јавноста, а секој нов фемицид ја отвора истата болна тема: колку вреди животот на жена во ова општество и колку системот навреме ја штител.


Кога фудбалскиот шампион Вардар заедно со Миленко Неделковски, без последици ќе ја претворат една од најпопуларните пејачки во мета на навреди, тоа испраќа порака и до секоја „обична“ жена – дека власта дозволува да биде понижена, напаѓана и исмејувана, а институциите и политичарите ќе се извлечат со две реченици „се оградуваме“ и ништо повеќе. Поразот на власта не е само во тоа што не го санкционира конкретниот инцидент, туку во тоа што не покажува волја да го прекине целиот тренд на растечко насилство врз жени, со посилни закони, побрзи реакции на полицијата и јасна политичка порака дека вакво однесување нема да помине како „навивачки фолклор“.

Премиерот победува на избори, а губи на терен

Тука се директните политички порази на премиерот. Овде штетата е лична и лидерска. Не станува збор само за грешки на системот, туку за случаи што потврдуваат Мицкоски не успева да ја претвори власта во резултат, авторитет и предвидлив политички правец.

9. УКИМ му откажа послушност на Мицкоски

На 28 април 2026 УКИМ избираше ректор за мандатот 2026–2029 меѓу двајца кандидати: актуелната ректорка проф. д-р Биљана Ангелова од Економски институт и проф. д-р Дарко Данев од Машински факултет. Во јавноста и дел од медиумите Данев беше перцепиран како кандидат поблиску до сегашната власт, додека Ангелова важеше за „институционален континуитет“ и профил што не е директен политички избор на Мицкоски.

Според објавените резултати, а согласно специфичниот модел на бодување по единици на УКИМ, Ангелова освои повеќе поени (околу 2924,1 наспроти 2675,9) и беше реизбрана за ректор. Тоа значи дека факултетите и институтите, преку тежината на своите гласови, одбраа да ја задржат постојната ректорка и да не го следат “изборот на Мицкоски” кој го туркаше „новиот“ кандидат. Поразот за Мицкоски тука не е само симболички: во момент кога власта се обидува да го прошири влијанието и кон академијата, најстариот универзитет во државата со конкретно гласање порача дека нема намера да биде продолжена рака на актуелната политичка елита.

10. Поразот на Орбан го товари Груевски врз грбот на Мицкоски

Мицкоски изјави дека ако Никола Груевски се врати во земјата, поради правосилната пресуда ќе оди во затвор. Намерата веројатно му била да се покаже дистанца, но ефектот беше двосмислен: јавноста повторно се врати на прашањето колку силно минатото и понатаму ја следи сегашната власт. Поразот е што Мицкоски и понатаму мора да докажува дека не е во сенката на човекот кого формално треба да го има оставено зад себе.

На ова се надоврза и преписката Груевски – Правда, која политички многумина ја читаат како порака на поранешниот премиер не само до институциите, туку и директно до Мицкоски. Во таква поставеност, Груевски не е тема од минатото, туку активен фактор што му се обраќа на сегашниот премиер. Дополнителна тежина носи и слабеењето крајот на Орван и со тоа на орбановата поддршка за Мицкоски, што отвори прашања за крајот на каналите на сомнителни унгарски и кинески пари и уште повеќе го врати товарот на Груевски врз грбот на Христијан Мицкоски.

11. Горчината кога премиерот ќе ти каже дека „ако треба ќе чекаме со децении“ за влез во ЕУ

На крајот на март 2026, премиерот јавно изјави дека Македонија е подготвена „да чека со децении“ за влез во ЕУ доколку не добие јасни и цврсти гаранции. Мицкоски веројатно е “во филм” дека испорачува “цврст државнички” став против нови уцени и дека го брани националното достоинство. Но, за граѓаните што три децении слушаат за ЕУ како стратегиска цел, ваква реченица звучи како ладно признавање дека генерации ќе стареат во чекалница без реален план да излезат од неа.


Скандалозноста на изјавата не е само во зборот „децении“, туку во тоа што доаѓа од премиер кој до вчера ветуваше забрзување на европскиот пат и „пошироки врати“ кон Унијата. Кога човекот што има најголема моќ во државата им кажува на граѓаните да се помират со уште една, две или три изгубени децении, тоа е фактичко спуштање откажување од ЕУ како жив проект, а не како далечен мит. Наместо да понуди конкретен план како да се забрза членството и кои реформи ќе нè донесат поблиску, премиерот го префрла фокусот на „трпението“ на народот – и токму тука е поразот: од лидер што треба да го скрати патот, добиваме политичар што нè подготвува да се навикнеме дека патот можеби никогаш нема да заврши. Во меѓувреме, ЕУ го подготвува договорот за членство на Црна Гора во Унијата.

12. „Енергетичарот“ Мицкоски во офсајд: нови тендери за јаглен, скапи горива, енергетската транзиција во колапс

Мицкоски се продава како човек што „ја знае енергетиката“, но резултатите на терен се спротивни на нарацијата. Иако најавува „соларна револуција“ и фотоволтаици што ќе ја олеснат сметката, државата и понатаму длабоко се потпира на јаглен. Со нови милионски договори за увоз и копање за РЕК „Битола“, наместо јасен план за излез од највалканиот енергенс.

Во меѓувреме, граѓаните плаќаат високи цени на горивата и тогаш кога светските цени паѓаат. Регулаторната комисија доцнеше со реакциите и ги задржа цените речиси на исто ниво и по падот на нафтата, што создаде чувство дека власта користи силна реторика за „контрола на кризата“, а реално ги остава луѓето со полни говори и празни паричници. Токму во секторот во кој премиерот се претставува како најкомпетентен, јавноста гледа еден од неговите најголеми порази.

Шашава коалиција која едвај функционира и веќе губи контрола врз себеси

Ниту една власт не слабее само од критики однадвор. Понекогаш најсериозниот сигнал за проблем доаѓа тогаш кога ќе почнат пукнатини внатре во мнозинството, во локалната власт или во сопствениот политички наратив. Оваа пролет власта покажува дека ниту е стабилна ниту има контрола врз себеси.

13. ЗНАМ се рони

На 29 април 2026, пратеникот Миле Цеков ја напушти пратеничката група на ЗНАМ и најави дека ќе дејствува како независен пратеник. Формално, мнозинството не падна. Но политичката порака е важна: штом пратеник од партнерска партија се дистанцира, се отвора прашањето колку е стабилна конструкцијата на власта.

На таа слика се надоврза и советничката на ЗНАМ од Прилеп, што покажа дека ронењето не е само парламентарен момент, туку поширок симптом на слабеење на партнерската кохезија.

14. Фијаско во Карпош – личниот човек на Мицкоски во политичка изолација

Сотир Лукровски не е било кој градоначалник. Беше промовиран како еден од најблиските луѓе на Мицкоски, пример за „ново, компетентно лице“ што ќе покаже како изгледа локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Карпош требаше да им биде витрина. Урбана општина со солиден приход, каде што партијата ќе демонстрира ред, визија и стандарди. Наместо тоа, по само неколку месеци општината се претвори во лекција по политичка нестабилност и лична изолација на градоначалникот.

По првичниот триумф, Лукровски влезе во тежок судир со дел од советниците и вмровските структури, токму околу најконтроверзниот проект „Скопје на вода“. Од него очигледни се очекувало да потпишува одлуки и планови на власта, за да се турка урбанистички концепт што е спротивен на она што јавно му беше ветено на Карпош и на Скопје: крај на дивата бетонизација и враќање на урбаниот ред.

Резултатот е двоен колапс: општината практично е оставена сама на себе, со градоначалник во политичка изолација и совет што игра свои игри, а ВМРО-ДПМНЕ втор пат за кратко време доживува тежок пораз на скопски терен. Прво со расколот и фијаското со Данела, сега со распадот на проектот „личен човек во Карпош“. Ако Мицкоски ни таму каде што лично си го избрал теренот и човекот не успева да обезбеди стабилност и чиста локална политика, тогаш неговата приказна за „силно и ефикасно владеење“ не пука само во симболика, туку директно пред реалниот живот на граѓаните на Скопје.

15. Власта ја укина Пржинската влада без согласност од опозицијата – власт без политичка контрола

Со одлуката да го укине моделот на Пржинска влада без претходен политички договор со опозицијата, власта испрати јасна порака дека повеќе не гледа потреба од механизми на споделена контрола во чувствителниот предизборен период. Формално, аргументот беше дека овој модел бил времен и наменет за кризни години, но политички, заклучокот е поинаков: се брише еден од ретките инструменти што го намалуваа сомнежот дека изборниот процес е целосно во рацете на една партија.

Ова е пораз за демократскиот капацитет на власта затоа што не се менува само техничко правило, туку се укинува симболичен вентил преку кој опозицијата барем делумно учествуваше во контрола на полицијата и клучните ресори во предизборие. Кога правилата што се донесени во криза за да ја обезбедат минималната доверба се менуваат еднострано, без соговорник од другата страна, се засилува перцепцијата дека владејачкото мнозинство сака комфор без баланс и власт без контра-тежа.

16. Силјановска призна дека Договорот од Преспа го штити идентитетот

Во мај 2026, претседателката Силјановска-Давкова изјави дека Преспанскиот договор е реалност и дека го потврдува македонскиот идентитет и јазик. Од државнички аспект, ова е порака на смирување. Но политички, тоа е непријатен пресврт за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кои со години градеа поинаква реторика. На она што до вчера му се ставаше епитет дека е предавство и загрозување национален интерес, денес Претседателката му врачува медал дека е заштита на македонскиот идентитет.

Падови што секој граѓанин ги гледа со голо око

Последниов пакет ги содржи поразите што можеби не се најтешки по правна или политичка тежина, но силно влијаат врз секојдневната перцепција на граѓаните. Токму овие слики – медиумски пад, нефункционален јавен сервис, неред во градот и толерирана вулгарност, често најдолго остануваат во јавната меморија.

17. Македонија паѓа на индексот за слобода на медиумите

Падот на државата на индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, од 36-то на 42-то место, е јасен сигнал дека амбиентот за новинарството не се подобрува, туку се лизга наназад.

ЗНМ и ССНМ алармираа за кампањи за оцрнување и организирани онлајн напади кон независни редакции, предупредувајќи дека ваквата реторика создава клима на страв и води кон автоцензура. Во таков контекст, падот на индексот не е „сув број“, туку сума од конкретни настани во кои новинарите се претвораат во мета, а властите пречесто гледаат на критичките медиуми како на непријател, а не како на коректив. Поразот за владата е во тоа што наместо слика за ширење на просторот за критика, Македонија добива печат на земја во која слободата на медиумите е загрозена.

18. МРТ остана без пренос на Светското првенство

Во мај 2026 стана јасно дека Светското фудбалско првенство нема да се емитува на Македонската радио-телевизија. Формално, проблемот е врзан за цената и пазарот на ТВ-права. Но за граѓаните пораката е едноставна: јавниот сервис не го обезбедил најголемиот спортски настан во светот. Поразот е симболичен, но силен, затоа што покажува институција што не успева да ја исполни ни највидливата јавна функција.

19. Скопје: Европска “престолнина на културата”со ѓубре до колена

Во април 2026 беше најавен нов почеток за реконструкцијата на Универзална сала, со врзување на проектот за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Но истовремено, граѓаните гледаат доцнења, нејаснотии и проблеми со хигиената и ѓубрето во градот. Поразот е во контрастот: кога големите културни амбиции одат заедно со основен урбан неред, јавноста полесно верува во сликата на нефункционалност отколку во приказната за напредок. Во меѓувреме, општинските власти ја забавуваат јавноста со случајот “Волк во Козле”.

Собрани на едно место, овие 19 киксови покажуваат дека пролетта 2026 му ја скина лажната слика на Мицкоски за контрола и компетентност. Државата без правда, коалиција што се рони, улица што врие, медиуми под притисок и енергетика во хаос. Тоа не е „тежок период“, туку доказ дека власта повеќе гасне пожари отколку што води политика.

Токму затоа „19 грешки што не смеете да си ги дозволите оваа пролет“ не е обичен кликбејт наслов што ве тера да кликнете туку прецизен список на сите места каде што оваа власт ја пушти државата да истрча сама – без контрола, без план и без чувство дека некој навистина управува.

А кога неправдата доцни, протестите растат, партнерите се двоумат, а институциите испраќаат слаби сигнали, тогаш дури и помалите гафови почнуваат да изгледаат како дел од поголем проблем – ерозија на довербата во способноста на власта да управува.

Најчитано