Македонија го доби првиот „он д роуд“ роман: „Во Акрата нема мостови“ на Миле Бошњаковски

Бошњаковски

Си земам за право да го прогласам романот „Во Акрата нема мостови“ за првиот  „on the road“ роман во македонската литература. Истражував колку што можев и освен неколку дела кои имаат елементи на таква книжевна форма, ниту едно од нив не може да се класифицира во оваа категорија.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Овие денови се појави втората книга Миле Бошњаковски. После „Погром – Записи на Рафаел Дорон“, Бошњаковски овој пат го објави романот „Во Акрата нема мостови“.

Романот отвора теми за патувањето, љубовта, семејството и односите што ги обликуваат човечките судбини, следејќи приказна што се развива низ различни простори, јазици и внатрешни премини.

Си земам за право да го прогласам романот „Во Акрата нема мостови“ за првиот  „on the road“ роман во македонската литература. Истражував колку што можев и освен неколку дела кои имаат елементи на таква книжевна форма, ниту едно од нив не може да се класифицира во оваа категорија.

Тоа го прави романот на Миле Бошњаковски прв  „on the road“ роман во македонската литература во историјата на македонската книжевност.

Ако тој жанр го дефинира култниот роман на Џек Керуак „On the Road“ според кој „поетиката на патувањето“, „бегството“ или ескапизмот и „егзистенцијалната потрага“, како клучни елементи на овој жанр, роmaнот на Бошњаковски ги има сите три.

Се разбира, не е доволно само да ги има овие елементи, туку особено важно е тие сите заедно да бидат така структурирани за да бидат градивен материјал кои на читателот ќе му понудат врвно читачко искуство. Книжевен свет кој ќе го повлече на тоа патување за да се насладува на жанрот.

Во „Во Акрата нема мостови“ го има Јостед, лик кој со својот пат кон себеоткривањето е јунак во движење, млад, маргинален и рефлексивен за кого патувањето е слобода на чиј крај е домот по кој трага.

Како и Одисеј, чија сенка се провлекува низ романот на Бошњаковски со стиховите на Константинос Кавафис во потсвеста на Елени која како Пенелопа го чека Одисеј со чудесен внатрешен мир зашто знае дека ќе дојде, ќе се врати како Јостед:

Стасувањето таму е предодреденост твоја.

Но не го забрзувај патувањето воопшто.

Подобро многу години да трае;

и веќе стар да се вкотвиш на островот,

богат со сѐ што се здоби на патот…

Затоа, во слободата на толкувањето денес, дваесет и кусур века подоцна од Хомеровата „Одисеја“, ние денеска можема да го прогласиме тој еп за  „on the road“ дело со една од најубавите љубовни ориказни.

Како што е и „Во Акрата нема мостови“. Една од најубавите љубовни приказни напишани на македонски јазик во која патувањата на Јостед и на Елени во самопронаоѓањето ја добива смислата во нивната љубов.

Бошњаковски сложената новелистича таписерија, како Пенелопа, ја „плете“ од многу деликатни нишки, но најмногу од тишината на Јостед и Елени. Во ракописот на Бошњаковски тишината го има и последниот збор. Романот завршува во тишина. И многу боли.

Книгата веќе е достапна во книжарниците „Или-Или“, „Полица“ спроти СУГС „Јосип Броз Тито“, „Литература“ во „Ист Гејт“, „Сити мол“, „Дајмонд“, на улицата „Македонија“ и во ТЦ „Буњаковец“, како и во книжарниците „Сакам книги“ во Тифани, Лептокарија и „Капитол мол“ во Аеродром. Изданието е достапно и преку онлајн-продажбата на „Литература“, како и во книжарницата „Просвета“ во Охрид.

Најчитано